„Минералите од Република Македонија“-доказ за минералното богатство на нашата земја
Во книгата е документирано целокупното минералошко богатство на четирите геолошки зони во нашата земја.
Монографијата „Минералите од Република Македонија со вовед во минералогијата“ со промоција и во Охрид. Оваа сликовита монографија е резултат на 25 годишно истражување на тројцата главни автори, академик Глигор Јовановски, проф.д-р Блажо Боев и проф.д-р Петре Макрески, но и на триесетината соработници вклучени во овој обемен проект. Според Јовановски, Македонија е мала земја по површина, но според бројот на минералите со кои располага таа е многу богата.
„Во книгата се опишани 66те локалитети во земјава од кои што се собрани минералите и опишани се и изучени окол 80 минерали, и даден е краток опис за околу 50тина минерали за кои што постојат податоци дека се од Македонија, меѓутоа ние сеуште не сме успеале да ги собереме. Книгата е напишана на англиски јазик. Основната цел беше светот да дознае за природното минералошко богатство на Република Македонија.“-вели еден од авторите на монографијата, академик Глигор Јовановски.
Книгата изобилува со фотографии од документираните минерали пронајдени во нашата земја. Станува збор за преку 750 фотографии во боја, што монографијата ја прави исклучително полезна за научната фела, но и за ентузијастите.
„Една од целите беше и таа, освен луѓето кои што се занимаваат со минералогија, геохемија, хемија, од научна гледна точка, да подготвиме материјал кој што ќе биде интересен и за оние луѓе кои што се ентузијасти, се интересираат за минералите, меѓутоа немаат познавања, не завршиле студии од областа. И се надеваме дека тоа ќе биде интересно четиво и за нив.“-рече академик Јовановски.
Овој научен труд, откако беше за прв пат промовиран во Македонската академија на науките и уметностите, минатата година, ја доби и престижната државна награда за наука „Гоце Делчев“, за најдобро научно дело во текот на изминатата година.
Досега собраните и изучени минерали вклучени во монографијата се дел од Збирката на минерали по потекло од Република Македонија што е поставена на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во Македонија, постојат и неколку други некомплетни збирки на минерали, како што се онаа на Факултетот за природни и технички науки во Штип и при Природно-научниот музеј во Скопје. Инаку на промоцијата, своја беседа за оваа монографија имаше и академик Георги Старделов.
{loadposition content9}