„Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ и „Славе Ѓорго Димоски во книжевната критика“ промовирани на летната школа на МСМЈЛК
Во рамки на овогодинешната програма на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, вчеравечер во Конгресниот центар се одржа промоција на книгите „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ и „Славе Ѓорго Димоски во книжевната критика“ кои се издадени со поддршка на Општина Охрид.
Пред присутните на промоцијата, свое обраќање имаше заменик градоначалникот, Перчо Божиновски.
Особено сме горди што како бисери во низа се редат вредните книжевни дела издадени под покровителство на Општина Охрид и кои оставаат силен печат во литературното издигнување на нашиот град и се паметници на нашата историја и култура.
Чувањето, негувањето и унапредувањето на Македонскиот јазик е мојата определба како македонист и затоа сум особено почестен што по втор пат имам можност да говорам пред новите генерации млади лингвисти и книжевници, кои ќе продолжат да ја шират уникатноста на Македонскиот јазик и сите значајни сегменти од бесценетото македонско творештво.
Навистина се радувам што вечерва, овде пред вас ќе промовираме две значајни книги, кои поради нивната содржина и квалитети зазадоа значајно место во овогодинешната програма на Летната школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура.
„Книга за Светите браќа Климент и Наум Охридски“ е капитално издание кое и ни ги доловува најзначајните сознанија за животот и делото на нашите духовни учители, градители на Охридската архиепископија и носители на писменоста. Свети Климент и Наум се симболи на македонскиот идентитет, а нивните писма и проповеди се извори на учење и инспирација. Тие се икони на верата и мудроста и се пример за посветеност кон духовниот пат и несебично служење на Бога.
Оваа книга е портал преку кој може да ги истражиме нивните учења, нивната посветеност кон знаењето и верата. Во времето кога технологијата и брзиот ритам на живот ни се наметнаа како доминантни, книгата за Свети Климент и Наум ни дава можност да се замислиме и да се повлечеме во длабока духовна рефлексија.
Особено им благодарам и упатувам искрени честитки до авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски за нивната неуморна работа и нивниот несебичен труд и за овој бесценет книжевен подарок, кој го оставаме како аманет за идните покленија.
Покрај ова издание, вечерва сме тука да говориме и за уште една значајно литературно дело во кое е испреплетена дејноста на авторите кои ги споменав предмалку.
Книгата зборува за творештвото на нашиот врвен охридски поет и книжевник Славе Ѓорго Димоски, а на истата како приредувач се потпишува неговиот соработник и истакнат книжевен деец Димитар Пандев.
Патувајќи низ страниците на оваа книга во која се испишани записи, осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и творештвото на Димоски, од страна на врвни писателски имиња од Македонија од странство, се чуствуваме навистина привилегирано што сме охриѓани и што сме присутни овде, во овој сегашен миг, што имаме можност лично да го познаваме и што имаме можност да учиме од неговите неисцрпни искуства и да ги следиме неговите книжевни стапки.
Во мое лично име и во името на Општина Охрид му посакувам да оствари уште многу успеси во својата литературна дејност и да продолжи да не радува со нови стихови и песни, кои ни откриваат нови и убави светови.
Ви благодарам на вниманието и посакувам наредната година да имаме можност да промовираме уште некое ново литературно дело кое има непроценлива вредност и го надополнува богатството на охридската и македонската култура, истакна Божиновски во своето обраќање.
Во „ Книга за Светите браќа Климент и Наум Охридски“ од авторите Проф. д-р Димитар Пандев и поетот Славе Ѓорго Димоски, се поместени дела, статии, прилози кои го расветлуваат и објаснуваат животот на двајцата големи просветители не само во Македонија туку и во сесловенската историја.
Во книгата „Славе Ѓорѓо Димоски во книжевната критика“ од авторот Димитар Пандев на 370 страници се поместени осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и творештвото на овој истакнат охридски и македонски поет, кои се напишани од страна на врвни писателски имиња од Македонија и од странство.
Книгите се во издание на Општина Охрид.