
НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во рамките на Годишната програма за работа во текот на овој месец ќе го спроведе проектот „Книгата најдобар другар на децата“. Од библиотеката ги покануваат учениците од Охрид кои од септември ќе започнат шесто одделение да се приклучат на проектот.
-Ние како НУ-библиотека ,,Григор Прличев’’ имаме задача да ја доближиме библиотеката до децата кои се нашата иднина, да им помогнеме да ја засакаат книгата која може да биде нивен најдобар другар, се вели во нивното соопштение.
Предмет на проектот се едукативни книги (енциклопедии), книги со висококвалитетна содржина и привлечни слики. Целта на проектот е доближување и имплементација на книгата како извор на информација со која децата можат да се здобијат со знаења од областа на науката, техниката, астрономијата, природата и слично.
За време на часовите децата ќе може да го искористат својот талент за пишување и цртање.
-Децата – учесници нема да сносат никакви материјални трошоци бидејќи за сето тоа се обезбедени средства. Вежбите ќе се одвиваат во траење од еден училишен час во текот на десет работни дена во Библиотеката почнувајќи од 24.06. до 05.07.2025 година, напоменуваат од охридската библиотека.
Бројот на децата – учесници е ограничен а заинтересираните можат да се пријават на електронската адреса: biblioteka_ohrid@yahoo. com, а заинтересираните ученици треба да го наведат своето име и презиме, одделение и мобилен број за контакт. Изборот на учесниците во проектот по свои критериуми ќе го прави Библиотеката. Пријавување е најдоцна до петок 13 јуни.