Skip to main content

Кој треба да ги отстрани кајчињата од Сараиште?

Мештаните од Сараиште бараат отстранување на кајчињата од просторот на плажата. Велат дека туристите малку простор можат да користат за да се сончаат и сметаат дека ваквата слика е лош имиџ за туризмот во Охрид. Но проблемот е кај надлежните кои не можат да утврдат кој треба да ги отстрани кајчињата.

 |  Николоска Биљана  | 
saraiste
сараиште

kajcinjaПлажата на најубавото место на Охридското крајбрежје, Сараиште, во лето узурпирана од кајчиња. Малку простор останува туристите да постават пешкир и да уживаат во топлото летно сонце и местоположбата што го нуди ова место. Мештаните од Сараиште речиси секоја летна сезона укажуваат на овој проблем и сметаат дека ваквата слика е срам за туризмот на општина Охрид и оти Локалната самоуправа треба сериозно да пристапи кон решение на проблемот. Старата добра практика, топката за вината да се префрла од една на друга страна и во овој случај не изостана. Од општинскиот комунален инспекторат велат дека Капетанија, односно Министерството за транспорт и врски треба да си преземат мерки за ослободување на плажата од натрупаните кајчиња. Додека пак Горан Устијаноски од Капетанија на пристаништата на Македонија вели дека оваа проблематика треба да биде разгледана од соодветен инспекторат а не од Капетанија.

kajcinja„Општинскиот инспекторат во изминатиот период односно зимата вршеше отстранување на пловни објекти кои се наоѓаат на површината на општина Охрид, односно Р. Македонија, меѓутоа дел од кајчињата беа отстранети и од Сараиште меѓутоа дел се наоѓаат кои се на самиот брег на палжата се на катастарска парцела Охридско Езеро за кое Езеро е надлежно Министерството за транспорт и врски“- вели Николче Милески од Општинскиот инспекторат.

„Сакам да кажам дека наш предмет на разгледување е пловидбата, правилата, прописите во самата пловидба и најважно за нас е да некој пловен  објект не претставува пречка на пловен пат, значи стар, неисправен, пловен објект кој може да се наоѓа и во каналот Билјанини извори, меѓутоа да не претставува пречка за одвивање на сообраќајот на пловнио пат. Оние чамци кои што се наоѓаат на суво извадени на разни плажи не се предмет на разгледување на Капетанија со оглед на тоа дека Капетанија ги разгледува дејствата кои што се одвиваат во самата вода“– вели Устијаноски.

За волја на вистината досега беше практика кајчињата кои се наоѓаа на јавна површина, да ги подига Охридското Комунално претпријатие по налог на Општинскиот комунален инспекторат. Кој и дали ќе ги подигне годинава, останува да видиме.

{loadposition content9}