Skip to main content

Дјп колекторски систем

Колекторот е проектиран за 120 000 жители

Изградба на пречистителна станица кај Подмолје за охридскиот дел од колекторот. Колекторскиот систем е проектиран за потребите на 120 000 жители.
 |  Маја Савиќ  | 
Пречистителна станица

„Капацитетот на колекторскиот систем е доволен за заштита на езерото во делот каде што тој е спроведен. Тој е проектиран за потребите на 120 000 жители. Охрид и Струга заедно и со туристите во летниот период не бројат толку луѓе, но проблем е таму каде што нема покриеност со колектор“, вели директорот на ДЈП „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски. 

Претпријатието работи на решавање на тој проблем преку изработка на проекти од шпанска консултантско проектантска фирма ИДОМ, за што е добиен грант од 920 000 евра неповратни средства преку Шпанското министерство за економија и туризам.

Ќе бидат изработени проекти за пречистителна станица во Љубаништа, Елшани и Радожда, а за одведување и третман на отпадни води во Трпејца веќе е изготвен проект од Општина Охрид. ЈП „Колекторски систем“ ќе бара и ревизија на проектот за пречистителната станица во Враништа со кој МЖСПП ќе може да аплицира кон европските фондови за целосна нејзина реконструкција. 

Но бараме и одделување, односно изградба на пречистителна станица во делот на Подмолје, како би го одделиле во целост охридскиот од струшкиот дел за да нема понатаму потреба од преголемо количество на електрична енергија за препумпување на охридските води до Ложани односно Враништа. Со изградба на нова пречистителна станица кај Подмолје, третирани води ќе се испуштат како чисти согласно законските норми во Охридското езеро или ќе се изработи систем за техничка вода којашто понатаму може да се користи за наводнување на земјоделски површини на тој дел или комплетно спроведување на техничка вода за наводнување на сите зелени површини на територија на Општина Охрид – истакна директорот Алексијоски.

Владимир Алексијоски

Санацијата на колекторот во 2020 г, по завршени 3 км од вкупно 39 колку што е долг колекторот, беше времено прекината. Со оваа првична санација се решија многу проблематични точки каде имаше излевање, како кај Лагадин и поранешната детска болница, и на тие делови сега функционалноста на системот е 90%. Санацијата треба да продолжи следнава година.

Планираме од делот кај Туристичка со пресекот со „Стив Наумов“ кон препумпната станица во Далјан, во целост да се изврши чистење, снимање и поставување цевка во цевка за да се реши конечно проблемот со излевањето кај Грашница. Исто така да се продолжи со санацијата каде што беше стопирана, пред Подмолје кон Струга, но и на струшката страна кон препумпната станица Струга 3 – вели Алексијоски.

За продолжување со санацијата Министерство за животна средина при креирањето на буџетот за следнава година, согласно барањето на ЈП „Колекторски систем“, бара начин да обезбеди средства во износ од 6 мил евра.

Колекторски систем