Колку се одржуваат спомениците во Охрид?
Писатели, револуционери, преродбеници, добиле свој постамент овде. Но колку и дали овие споменици воопшто се одржуваат?
Богатата историја си го прави своето. Охрид, културниот и световниот балкански Ерусалим, изобилува со споменици почнувајќи од словенскиот период, па се до НОБ. Просветители, писатели, преродбеници и револуционери, добар дел од важните историски личности добиле свој монумент кој говори за нивното значење. Сепак се поставува прашањето колку внимание се посветува на нивното одржување. Охриѓани со поделени мислења.
„Сметам дека доволно се посветува внимание. Прилично добро. Заинтересирани се поголем број на институции, поединци. Во Охридов посебно е прилично добро.“
„Не баш толку, нема толку интерес за одржување. Ние постарите ги почитуваме и одржуваме, ама помладите да се здрави и живи, гледаат само како да ги турнат, а не знаат дека се тие заслужни за денешницава.“
„Мислам дека се одржуваат културно-историските споменици, и треба да се одржуваат, затоа се и историски.“
„Овие овде се одржуваат, ама оние споменици кои се од НОБ, тие се заборавени.“-рекоа дел од охриѓани.
Една акција за санирање и одржување на ваквите споменици вчера на територијата на целата република, спроведе унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
„Акцијата во Охрид се одржа тука, кај вечното почивалиште на Григор Прличев. Ја исчистивме надгробната плоча, поставивме корпа со отпадоци, го исчистивме просторот, положивме и цвеќе. Иста ваква акција организиравме и на 11 Октомври на денот на народното востание кај паднатите борци, а ќе организираме и во иднина се со цел зачувување на културно-историското наследство на Република Македонија.“-вели претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Донев.
Во Охридската акција учествувале околу 30тина членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, кои покрај вечното почивалиште на Григор Прличев, го средиле просторот и околу црквата Богородица Перивлепта.
Сето ова е одлично, пред се поради вложениот труд, но ваквите акции би требало да бидат што е можно почести, а не да чекаме да дојде некој празник за да го направиме тоа.
{loadposition content9}