Анализа на твм

Колку пари на медиуми исплатила локалната власт во третото тромесечие?!

ТВМ продолжува со анализата за трансферот на пари од локалната самоуправа и јавните претпријатија кон медиумите. Овој пат, пресметковниот период е за третото тромесечие од годинава.
 |  инфодеск  | 
Зграда општина Охрид

На почетокот на годинава, информативната редакција на ТВМ направи анализа за колкави трансфери и кон кои медиуми има исплатено претходната локална власт за период од 4 години. Иста таква анализа направивме и за првото тромесечие од годинава, за исплати и побарувања на пари од медиумите, овојпат од новата локална власт.

Денеска ги сумираме податоците за третото тромесечие од годинава, добиени од Локалната самоуправа од Охрид и Јавните претпријатија. Податоците редакцијата ги обезбеди според Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Од анализата на добиените податоци, може да се согледа дека во третиот квартал од годинава, вкупно кон медиуми исплатени се близу 1.700.000,00 денари, односно безмалку 28.000 евра. Ова е најголем трансфер по тромесечие, имајќи во предвид дека во првото тромесечие се исплатени блузу 22.000 евра, а во второто 20.000 евра.

Општината и јавните претпријатија, информациите од нивното работење кои се од интерес на јавноста, ги пласирале до граѓаните преку 14 медиуми. 

Од сите правни субјекти сопственици на медиуми, според сумите кои ги добиле во ова тромесечие отскокнуваат повторно истите медиуми, и тоа со повисоки исплатени суми, а согласно новите договори:

  • Ohridsky.com ( СОС Балканмедиа, СОС Балканика, Балкан Медиа СКАЈ ДООЕЛ) со 460.200,00 денари/7.480 еур
  • Оhrid1.com (Мегастар продукција ДООЕЛ, ЛТ Трејд ДОО) со 494.000,00 денари/8.033 еур
  • Оhridnews.com (НИМО ДОО) со 212.400,00 денари/3.454 еур
  • Ohridvest.com (Б7 продукција) со 162.000 денари/2.634 еур

Останатите 327.000,00 денари/5318 еур се поделени на 10 медиуми, од кои нашиот медиум (tvm.mk) добил 59.000,00 денари/959 еур.

Табела медиуми

Според тоа каде завршиле најголем дел од средствата од општинскиот буџет, наменети за информирање на јавноста преку медиуми, може да се заклучи дека и новата локална власт ги преферирала истите медиуми како и претходната.

Доколку се земе предвид вкупниот износ на средства кои минатата гарнитура на власт во Охрид ги исплатила кон медиуми за четири години и се поделат за да се добие сумата за еден квартал, споредбата во трошењето на оваа и претходната власт ќе покаже дека актуелната локална власт во трите годинашни квартали потрошила повеќе пари.

Од досега доставените извештаи увидовме дека кон некои медиуми исплаќани се финасиски средства пред време, пред истекување на периодот за кој е склучен договорот, односно пред да се изврши услугата. Од друга страна пак, кон некои медиуми, иако е извршена услугата, исплатата доцни и до 8 месеци. Првите два медиуми наведени во оваа анализа кои имаат склучено договори со највисоки суми, исплатени се во целост.

ТВМ ќе продолжи со објавување на трансферите од Лоаклната и ЈП кон медиумите, овојпат надополнети со податоци и за тоа какви и колку медиумски услуги се извршени за исплатените суми.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© 2008 - Сите права задржани. Поддржано од ТВМ ТелевизијА.
Back to Top