Skip to main content

In memoriam

Комеморација за еден од доајените на охридското новинарство, Симон Илиевски

Комеморација за Симон Илиевски, еден од доајените на охридското новинарство, се одржа денеска во големата сала на Општина Охрид, во организација на Здружението на новинари на Македонија. Колеги, членови на семејството, пријатели, градоначалникот и вработени во Општина Охрид, оддадоа почит и се поздравија со својот Симе.
 |  Маја Савиќ  | 

Симон Илиевски беше новинар со големо Н кој ја работеше професијата со страст, посветен на јавниот интерес, а без личен интерес. Еден од ретките со остро новинарско перо кој не пишуваше туку везеше, спокојно со мирна рака без оглед на тежината на настанот, кажа новинарот Горан Момироски на денешната комеморација организирана од Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид и Струга.

„Јас сум сепак оној беден пријател на вистината и потоа непријател бескомпромисен на измамата и лошотијата, се пресметувам со се во светот и со глупостите. Оваа мисла на Прличев го водеше Симон Илиевски. Тој секогаш беше на страна на вистината , на немоќните, оштетените, на страна на граѓанинот, на јавниот интерес. Пишуваше за теми за кои многумина не се осудуваа, храбро, но точно, силно, а одмерено. Не се плашеше дури и кога беше напаѓан , не само вербално, а беше. Тој беше почитуван новинар, го препознаваа и граѓаните, но и факторите.“ – кажа Горан Момироски – новинар, Претседател на Регионална ЗНМ Охрид- Струга.

Новинарот и директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Милчо Јованоски чие пријателство со Илиевски, од првата средба во редакцијата на Студентски збор, па преку Радио Охрид траело 4 децении ќе рече, Симе беше поборник за искреност во новинарството, за вистината на виделина,


„ Јас немам текст, немам ни зборови. Ова што сега се случува за нашиот Симе би сакал да можев да го кажам неколку децении подоцна, но животот е суров и се случи сега. И како што ние новинаристе секогаш велиме дека мора да собереме храброст, сила и енергија, а таков беше и нашиот Симе и во најтешките мигови да се биде концентриран да се издржи.“ – кажа пред присутните Јованоски.

Можам со часови да зборувам за професионалниот живот на Илиевски, но сакам да издвојам две работи за Симе, а тоа се неговата ненаметлива добродушност и неговата нелутина, кажа новинарот Томе Џамтоски, долгогодишен колега на Илиевски во Одделението за односи со јавност во општина Охрид.


„ Симе стоеше на едем метар од мене повеќе од 11 години и никогаш со ниту еден збор не сакаше да се стави себе си пред другите иако го заслужуваше тоа со годините, со искуството, со знаењето. Неговата добродушност се состоеше во тоа што ние често знаевме она што ни беше наша работа да ја префрлиме на бате Симе, а тој тоа го прифаќаше со блага насмевка. А неговата нелутина, верувајте во последните 11 и пол години колку што работевме заедно, никој во нашата канцеларија не го видел Симе налутен. “ – рече Џамтоски.


Илиевски не напушти по кратко боледување во 66-тата година од животот. Тој беше еден од доајените на охридското новинарство. Како новинар и дописник од Охрид за повеќе редакции остави огромен број новинарски написи, радио и тв прилози, документарни и и други емисии.

На денешната комеморација во големата сала на Општина Охрид беа присутни членови на семејството, негови колеги новинари, пријатели, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, колеги од Одделението за односи со јавност на општината каде Илиевски ги помина последните години од својот работен век.