Skip to main content

Заеднички регионален пазар

Коморскиот инвестициски форум денес во Костал

Претседателите на стопанските комори на Македонија и Србија, Бранко Азески и Марко Чадеж денес во посета на „Костал Македонија“ во Охрид. Од Коморскиот инвестициски форум велат дека се единствена институција која ги обединува интересите на приватниот капитал на Западен Балкан.
 |  инфодеск  | 
Форум Костал

Делегацијата на Коморскиот инвестициски форум денеска ја посети компанијата „Костал Македонија“, водечка компанија од автомобилската индустрија во македонската економија и една од најголемите странски директни инвестиции во земјата.

Бранко Азески претседателот на Стопанската комора на Македонија и копретседавач на Коморскиот инвестициски форум истакна дека деновиве се дискутира за напредокот во спроведувањето на активностите насочени кон воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и обединување на интересите на приватниот капитал на Западен Балкан.

Суштината наша е сега и тука се како поддршка најголемите компании со странски капитал како што е „Костал“, кои многу помагаат во имплементирањето на новите технологии и кадар, меѓутоа тоа што сакам да кажам, да ја интензивираме таа соработка и тука има неколку значајни мерки, односно активности и алатки со коишто тоа го постигнуваме. За првпат преку Коморскиот инвестициски форум компаниите заеднички настапуваат на трети пазари, со заеднички платени трошоци, ги посетуваат саемите,работилниците и едукациите – истакна Азески.

Форум Костал

Азески кажа дека во тек се неколку повици за подигнување на институционалниот капацитет на бизнис организациите за поддршка на малите и средните претпријатија, а треба да биде формиран и Регионален фонд за предизвици, за кој KW обезбеди 36 милиони евра за поддршка на компаниите во имплементацијата на Дуалното образование.

Марко Чадеж, преттедателот на Стопанска комора на Република Србија рече дека квалитетните производи кои се создаваат во Костал, не би постоеле да нема добри компании од земјите во регионов кои се добавувачи на материјали.

Ќе видите дека логистички е многу важно, да нема пречки меѓу земјите од регионов, за компаниите како оваа да може многу повеќе да работат, многу повеќе да произведуваат и да запослат многу повеќе луѓе и тоа е тоа што ја прави економската соработка – вели Чадеж.

Форум Костал

Виктор Мизо генералниот менаџер на „Костал Македонија“ кажа дека располагаат со тим за соработка со локални добавувачи и подобрување на нивните знаења, можности и квалификации. Соработката со добавувачите се проширува и со Србија и Босна, кажа Мизо.

Планираме да го зголемиме тој обем на соработка и со другите региони на Западен Балкан, а веќе соработуваме и со компании од Словенија, Хрватска и Бугарија. Секогаш е подобро во регион од 700 км да најдеме компании кои не само со нас ќе соработуваат, туку нема да увезуваме од далечни земји и ќе квалификуваме компании кои ќе станат поконкурентни – потенцира Мизо.

Инаку, во овие два дена во Охрид Коморскиот инвестициски форум, покрај своите работни состаноци ќе дискутира и за напредокот во спроведувањето на активностите насочени кон воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, а ќе реализира и повеќе работни средби.