„Охридски Комуналец“ со засилени активности пред Илинден, интензивно се чистат јавните површини и се уредува зеленилото

Во пресрет на празникот Илинден и традиционално зголемениот број посетителина Охрид, екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ работат со засилен интензитет на одржување на јавната хигиена и зелените површини на повеќе локации во градот и околината.
Во рамки на активностите се уредуваат местата каде ќе се одржуваат празничните чествувања и манифестации, меѓу кои селото Рамне, Прентов Мост, Велгошти, вклучувајќи го речното корито, црквата „Свети Илија“ и централниот дел на селото, како и селата Плаќе и Елшани.


Од јавното претпријатие информираат дека дежурните служби уште од раните утрински часови се присутни на најфреквентните локации во централното градско подрачје, каде во екот на туристичката сезона се организираат бројни музички, културни и други настани. Поради зголемената посетеност, секојдневно се подигаат големи количини ситен комунален отпад, како лименки, пластични шишиња и друга амбалажа.


Покрај тоа, максимално се ангажирани и машините за метење на улиците во поширокото подрачје на Општина Охрид, со цел јавната хигиена да се одржи на највисоко ниво во текот на празничниот викенд.









