Конечно електронски катастар во Охрид
Охридското одделение за катастар доби нови простории и шалтери.
Двојно повеќе шалтери во Катастар , за барем се надеваме, двојно побрза работа. Охридското подрачно одделение за катастар на недвижности денес ги промовираше новите работни простории. Покрај трите стари, сега и три нови шалтери во Катастар. Со пуштањето на реновираните простории во употреба, подрачното одделение во Охрид добива една репрезентативна шалтерска сала-вели портпаролот на Агенцијата за катастар на недвижности, Валентина Христова-Стефановска.
Заедно со новите шалтери, во Охрид започна со работа и електронскиот катастар кој треба да ја олесни работата и на вработените, но посебно на странките кои имаат свои предмети таму.
„Граѓаните од Охрид без да патуваат во Скопје или во Кавадарци или Струмица, онаму каде што имаме имплементирано електронски катастар, ќе можат да вадат имотни листови за оние подрачни одделенија каде што веќе е во функција електронскиот катастар што значи дека до крајот на месец јуни остануваат уште само пет подрачни одделенија каде што ќе го имплементираме електронскиот катастар. Исто така со воведувањето бенефит граѓаните ќе имаат бидејќи при поднесувањето на барањето на шалтерите ќе добијат една пријава на која ќе стојат точно часот и датумот на кој е поднесено тоа барање што значи дека веднаш влегува во процедура и во законски рамки мора да им се одговори на нивното барање.“-вели Валентина Христова-Стефановска-Портпарол-Државната агенција за катастар.
А Охридскиот катастар веќе некое време функционира и со нов менаџерски тим, нешто што барем досега се покажа како вистински потег, пред се околу бројот на решени предмети.
„Предметите ги решивме благодарение на тимот што го направивме, што ни дозволија и од екипата на директорот Љупчо Ѓеоргиески. Направивме екипа, тим кој што ни дозволи брзовремено да ги решиме сите проблеми. Во моментов имаме нула нерешени предмети благодарение на сите вработени и се надеваме и дека во иднина ќе биде така. Со новиот шалтерски систем сега мислам дека досегашните проблеми што ги имавме, нема веќе да имаме такви проблеми.“-изјави вршителот на должност раководител на Катастар-Охрид, Симо Костојчиноски.
Нов менаџерски тим, нови простории, нови шалтери и згора на тоа и електронски катастар. Да се надеваме дека со сите овие новини, охриѓани ќе добијат брза и квалитетна услуга во ова одделение кое за жал до неодамна го биеше лош глас.
{loadposition content9}