Поевтини, побрзи, побезбедни трансакции за граѓаните и бизнисите со приклучувањето на Македонија кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА
Историскиот исчекор на Македонија со приклучувањето кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија е централна тема на 16. Конференција за плаќања и пазарна инфраструктура која се одржува во Охрид во организација на Народната банка. Со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, а тоа се побрзи, побезбедни и поевтини трансакции, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.
„ Ги разменивме првите искуства од функционирањето на овој систем , откако на 7-ми октомври , значи нема ниту цел месец, беа направени првите трансакции. Очекуваме според нашите проценки значителни заштеди и за граѓаните и за бизнисите посебно за малите и средни претпријатија затоа што веќе видливи се првите знаци и поволности со значително намалување на цените на трансакциите коишто предходно се наплаќаа преку нашите банки кои користеа таканаречено коресподентско банкарство надвор од Македонија. Не воведовме како некои други земји од регионот горна граница, односно не ги регулиравме цените на услугите, оставаме тоа банките сами во меѓусебна конкуренција во оваа фаза да ги доведат до уште пониско ниво од она што го имаме сега.“ – изјави Трајко Славески – Гувернер на Народна банка.

Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески потсети дека пред две недели во Вашингтон пет земји од западен Балкан , меѓу кои и Македонија, потпишаа меморандум за развој на системот ТИПС за инстантни плаќања. Станува збор за клон на европскиот систем што ќе овозможи поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем иако земјите се уште не се членки на унијата. Системот според очекувањата на гувернерот треба да стане оперативен од јули наредната година.
„Тоа ќе биде уште еден напредок во модернизација на системот за плаќање во Македонија, нешто што досега го немавме, нешто што ќе функционира 24 часа секој ден во неделата, за разлика од сегашните можности кога системите за порамнување а со тоа и можноста за вршење трансакции или трансфер на средства завршуваат некаде во 15:30 часот. Јас мислам овие два процеси можат да се израмнат со визната либерализација која нашите граѓани ја добија пред повеќе години од кога можеме слободно да патуваме во земјите од ЕУ , сега слободно можеме да располагаме со своите средства , на сигурен начин , со многу ниски трошоци , а од скоро време и многу брзо да се вршат тие плаќања во секунди што многу ќе значи и за нашата дијаспора, за семејствата кои што имаат свои блики надвор, за нашите студенти кои студираат надвор а секако и за сите граѓани коишто на еден или друг начин имаат потреба вршење на плаќања, а најмногу за компаниите, за бизнисите во една отворена економија како македонската. “ – посочи Славески.

Покрај интеграцијата на земјите од регионот во СЕПА на традиционалната конференција која Народна банка ја организира во соработка со Централната банка на Холандија во Охрид претставниците на централни банки, деловни банки, финтек-компании, небанкарски даватели на платежни услуги, како и претставници од меѓународни финансиски институции и тела на Европската Унија ќе дискутираат и за иновациите во начините на кои се вршат плаќањата, дигитализацијата, довербата во дигиталните плаќања