Конгресниот туризам во Охрид зема се поголем замав
Охрид- град на конгресен туризам. Во есенскиов период хотелските капацитети во градов се полнат од гостите кои доаѓаат на разни конференции, конгреси и семинари. Туристичките работници советуваат, оние хотелски капацитети кои имаат услови да инвестираат во конгресни сали и опрема за одржување конференции бидејќи тоа повеќекратно ќе им се врати.
Конгресниот туризам во Охрид зема се поголем замав. Хотелските капацитети во градов во есенскиот и пролетниот период се полнат од овој вид туризам. Охрид со своите убавини е примамлив за гостите токму тука да ги одржат своите конгреси, но во слободното време и да уживаат во тоа што им се нуди. Хотелот Метропол има долга традиција за организирање конференции, семинари и конгреси. Од почетокот на септември до сега се организирани 18 големи конференции и триесетина семинари. За таа цел имаат адаптирано неколку конгресни сали кои ги нудат сите услови за одржување на вакви настани.
Повеќето настани кај нас се прават oд домашни гости со интернационално учество, на ниво на Македонија се одржуваат конгресите во голем обем. Сме имале ситуации и кога целосно надворешни гости да се дел од конгресот. На пример на почетокот од септември имавме гости од Полска. Околу 230 доктори беа дојдени од Полска, а само дваесетина беа од Македонија кои дојдоа да го посетата тој конгрес, вели Атанас Николоски- менаџер за продажба во хотел Метропол.
Конгресниот туризам е дел од понудата на хотелите, но и од туристичките агенции. Туристичката агенција Вис Пој уште од нејзиното основање се занимава со организирање конгреси, конференции и семинари.
Во однос на организацијата на вакви настани не е нималку лесна. Треба многу вложување за добро да се изорганизира еден конгрес. Со тоа што организаторите на конгресите бираат добри агенции си ја олеснуваат својата работа. Агенцијата го превзема целокупниот ангажман околу техничкиот дел на организација на конгресот, а организаторот се насочува само на стручниот дел од работењето. Секогаш квалитетот на услугата е подобар кога ќе се избере добар агент кој добро ја познава работата и кој може професионално да ја заврши работата и да излезе во пресрет на сите предизвици кои може да ги донесе еден конгрес, вели Јаким Маленко, од ТА Вис Пој.
Во долгогодишното работење оваа агенција има организирано голем број конгреси, светски, балкански, меѓународни, домашни така што со сигурност може да се каже дека конгресниот туризам во градов и тоа како е актуелен, а е и многу добра форма со која се пополнува вакумот од една до друга туристичка сезона. Туристичките работници советуваат оние хотелски капацитети кои имаат услови да инвестираат во конгресни сали и опрема за одржување конференции бидејќи тоа повеќекратно ќе им се врати.