Коњаноска: Илинден празник на секој македониец
Охрид го одбележа Илинден. Делегација од општина Охрид, Сојузот на борците на Охрид и Дебрца, политичките партии, како и делегации од Охридската гимназија Св „Климент Охтридски“и ОУ „Христо Узунов“, денес во градскиот парк пред бистите на народните херои положија свежо цвеќе.
Денес се одбележува еден од најзначајните празници во Македонија, Илинден. 02 август датум со двојна симболика, национален и православен празник. Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ. На денешен ден пред точно 113 години започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ. Овој значаен датум го одбелeжа и општина Охрид. Стихови за овој празник прочита најдобриот ученик од гимназијата.
„О, најдолга годино,
ти збиру на нашата мака,
што ни го изнесе оружјето,
до секој горски срт,
чакалу и гаврану во предците што гракаш,
пронајди ме и мене во твојот прекар сакан,
слобода или смрт“
Интимното чуство на секој македонец денес е дека празнува, истакна претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска. Таа дополна дека денешниот празник, недвосмислено претставува симбол на постојаната борба на македонскиот народ за самостојност, самобитност и да се биде свој на своето.
„Ние денес симболично се собравме тука со тој чин на положување на свежо цвеќе, всушност да им оддадеме почит на сите кои што директно или индиректно, пред или за време на овие значајни настани ја положиле својата енергија, визија, идеали, а некои од нив и своите животи, за она што денес сите ние го имаме и уживаме“.
Коњаноска смета дека за празникот Илинден потребна е добра организација, која ќе ги извади луѓето масовно не само во Охрид туку насекаде во Македонија, да бидат дел од чествувањето.
Илинденската традиција е испреплетена со патриотски, фолкорни и религиски симболи, што го прави Илинден еден од најважните празници во Македонија.