Skip to main content

Армиската менза во поранешната касарна ќе стане репрезентативен Младински културен центар

Објавен конкурс за идејно архитектонско решение за Младински културен центар во Охрид
 |  инфодеск  | 

Поранешната армиска менза во рамки на касарната „Михајло Апостолски“ ќе се адаптира во функционален и репрезентативен Младински културен центар.

Коалиција на младински организации СЕГА, во рамки на Програмата на Младински Центар Охрид (финансирана од Општина Охрид), распишува анонимен, национален, едностепен конкурс за изработка на идејно архитектонско решение за реконструкција и адаптација на постоечки објект.

Целта е да се избере најквалитетно современо архитектонско решение за адаптација на поранешната менза која се простира на површина од 1062 м² во простор каде ќе се продуцираат, стимулираат и промовираат современи културни, образовни и научни настани како изложби, театарски претстави, промоции, работилници, концерти, дебати, филмски проекции и најважната точка за дружење, размена на идеи, место за слободно изразување на младите.

-Започнува реализацијата на ветувањето за воспоставување Младински културен центар во Охрид, проект кој е дел од нашите стратешки заложби за развој на силни и одржливи младински политики. Верувам дека младите заслужуваат современ, функционален и инспиративен простор во кој ќе се развиваат, ќе творат и ќе ја градат иднината на нашиот град, објави градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Архитектите и архитектонските тимови имаат рок за поднесување на трудовите до 15ти мај, а резултатите од конкурсот ќе бидат објавени најдоцна до септември годинава. Вкупен награден фонд за трите најсупешни идејни решенија изнесува 400.000 денари.