Охриѓани бараат да им се вратат контејнерите на старите локации
Охриѓани не се откажуваат од старите навики. Тие бараат да им се вратат контејнерите на старите локации.
Незадоволството на граѓаните поради неодамнешната дислокација на контејнерите, не стивнува. Од акцијата на ЈП „Комуналец“ за отстранување на контејнерите по барање на Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште поминаа два месеци, но охриѓани никако да се навикнат на новините. Тие бараат да се вратат овие садови за отпад на старите локации со објаснување дека повеќето од нив сега се поставени на места кои не им се така блиску, па мораат десетина и повеќе минути да шетаат наоколу со ѓубрето в раце.
Од Комуналец свесни се за револтот на граѓаните, но велат дека мора да ги почитуваат законските одредби.
Ние добивме наредба од страна на Локалната за да ги дислоцираме контејнерите. Тоа го бараат новите измени во законот за сообраќај. Не смее да има контејнери на сообраќајниците, на тротоарите ило на велосипедските патеки, вели Елена Скрческа-ВД директорката на ЈП „Охридски комуналец“.
Скрческа објаснува дека контејнери има и дека „Комуналец“ нема проблем да ги постави, но треба точно да се знае нивната локација која треба да ја одреди Секторот за урбанизам.
Изготвувањето на програмата со која ќе се одредат локациите за поставување на контејнерите е во тек . За брзо време ќе се изнајде најсоодветно решение со кое ќе бидат задоволни и граѓаните и општината, вели Томе Џамтоски, портпаролот на Локалната самоуправа.
Џамтоски најавува и некои новини во селектирањето и подигањето на отпадот. Од напролет ќе се постават подземни контејнери со габарит од три метри кубни. Ќе ги има на три локации во градов и тоа на улицата „оста Абраш“ близу градското пристаниште, на булевар „Туристичка“ близу градскиот пазар и на улицата „Македонски просветители“ во близина на поштата. На ваков начин во голема мера ќе се подобри хигиената во градов, како и грдата слика со расфрлан смет околу контејнерите.
{loadposition content9}