Skip to main content

Контролирани 63 пловни објекти на Охридското Езеро, откриени 52 прекршоци, девет лица управувале под дејство на алкохол

Од МВР информираат дека ваквите акциски контроли ќе продолжат и во текот на летната сезона, со цел доследно спроведување на Законот за внатрешна пловидба и зголемување на безбедноста на Охридското Езеро.
 |  инфодеск  | 

Во координирана акциска контрола спроведена вчера (5 јули 2026 година) на водите на Охридското Езеро, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, во содејство со полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад и инспектори од Капетанијата на пристаништа – Охрид, извршиле контрола на вкупно 63 пловни објекти.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, акцијата била реализирана согласно одредбите од Законот за внатрешна пловидба. При контролите, кај 31 пловен објект и 31 лице биле констатирани вкупно 52 прекршоци.

Меѓу евидентираните прекршоци се: немање задолжителна опрема, управување со необележан и нерегистриран пловен објект, управување за време на забрана за пловидба, управување без одобрение за пловидба, превезување поголем број патници од дозволениот, неносење пловидбена дозвола, како и други прекршоци предвидени со Законот за внатрешна пловидба.

При извршеното алкотестирање, кај девет лица било утврдено присуство на алкохол.

Во рамки на контролите, кај пет лица кои вршеле изнајмување педалинки била констатирана нецелосна примена на безбедносните правила при нивното изнајмување.

Од МВР информираат дека ваквите акциски контроли ќе продолжат и во текот на летната сезона, со цел доследно спроведување на Законот за внатрешна пловидба и зголемување на безбедноста на Охридското Езеро.