Контроли, санкции и пониски цени на продуктите
Континурани контроли и изречени санкции за охридските трговци. Постојано се врши инспекциски надзор според одлуката на Владата за посебни услови во трговија на одделни стоки, вели Цветко Ристески раководител на Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор Охрид. Нотирана е пониска цена на оснвните прехрамбени производи во јануари, како резултат на намалување на трошоците за производство, вклучувајќи ја намалената цена на електрична енергија.
„За напоменување е дека во месец Јануари годинава има намалување на цените кај лебот од 500 грама од 45 на 42 и 41 денар зависно од производител и согласно нивната калкулација и трошоци. Кај трајното млеко од литар од 71 денар на 69 денари и кај сончогледовото масло за јадење од 136 на 105 денари. Извршени се 25 инспекциски надзори до овој момент и изречени се глоби според законот за трговија и одлуката кај два субјекти.“, вели Цветко Ристески.
Според динамиката на производство и намалување на цените на суровините, Ристески смета дека ќе продолжи трендот на намалување на цените на производите, а тие ќе продолжат со инспекциски надзори по одлуката се додека истата е во сила, односно, до 30 април 2023 година.
„Се очекува да се намалат цените, но битен елемент е дека не треба да се очекува цените да се намалат на ниво од 1 март 2022 година, туку ќе се намалат споредено со цените од септември, октомври, откако овие мерки се донесоа за намалување на производните трошоци, во поглед на суровини и трошоци за енергија.“, потенцира Ристески.
Охридското одделение при Државниот пазарен инспекторат во периодот од месец март, заклучно со месец декември, има извршено 234 инспекциски надзори според одлуката на Владата за посебни услови во трговија на одделни стоки. Во 65 случаи издадени се прекршочни платни налози за непочитување на мерките на трговските маржи кај одредени трговци. 29 од нив трговците ги платиле согласно поука во налогот, 10 од нив продолжиле со поднесување на барање до Основен суд Охрид.