Skip to main content

Конзерваторите во Македонија се дефицитарен кадар

Конзерваторите во Македонија се дефицитарен кадар. Нема конзерватори  од сите области почнувајќи од сликари, архитекти и археолози. Час поскоро државата треба да преземе мерки за измени во едукативниот систем затоа што постоечките конзерватори ќе се пензионираат.  

 |  Валентина Неловска  | 


Македонија се соочува со дефицит на конзерватори од повеќе области. Недостасуваат домашни стручни кадри кои ќе работат на заштита на непроценливото културно историско наследство. Во земјава нема конзерватори од сите области почнувајќи од сликари, археолози, архитекти, набројува  д-р Лазар Шуманов стручен конзерватор и претседател на Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС.

„Замислете сеуште нашата држава нема систем за едукација за припрема на конзерватори. Јас сум дипломирал на архитектонскиот факултет и сум учел конзервација. Ние како комитет сакаме и инсистираме да се формира таков систем едукација за обука. Ние старееме, ќе одиме во пензија ќе нема луѓе за работа“, вели Шуманов.

Д-р Шуманов препорачува наоѓање на можности за обука на овој кадар. За конзервација на фрескоживописите или културно историските објектите со кои располагаме се ангажираат странски конзерватори. Многу често од Италија или Бугарија.

„ Црквата Богородица Перивлепта се конзервираше со колеги од националниот конзерваторски центар од Скопје. Сликарите, експерти се викаа од странство, Алкис Префис беше тука како член на тим. Има можности но треба поитно да се преземе нешто бидејќи ситуацијата со кадар не е пријатна“, наведува Шуманов.

Шуманов смета дека надеж во поместување на состојбите има со донесување на Национала Стратегија за култура 2018 -2022 во која се планира едукација на конзерваторски кадар.

Инаку, од НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј Охрид во годишната програма има проекти за изведување на конзерваторски зафати на неколку објекти. Меѓу нив се црквите Св Богоридица Болничка и Богородица Заумска.