Skip to main content

Корените се основа на животот, вели охриѓанката Вера Митеска автор на книгата „ Охридската фамилија Мишеви“

Корените се основа на животот вели  охриѓанката Вера Митеска автор на книгата „ Охридската фамилија Мишеви“. Митеска вели тоа и било и мотив со книгата да остави записи за потеклото на семејството  Мишеви од кое и таа потекнува. Промоцијата на книгата ќе биде во сабота во 17 часот  во градската библиотека НУ „ Григор Прличев“.

 |  Валентина Неловска  | 

Охриѓанката Вера Митеска е автор на книгата „ Охридската фамилија Мишеви“ која неодамна излезе од печат. Во книгата се поместени податоци за потеклото на старото охридско семејство Мишеви. Авторката Митеска денес пензионерка, од мали нозе во себе ја негувала идејата спомените за нивното семејството кои ги слушала од баба и Ленка Зимбова, омажена во Мишевци, да ги зачува од заборав за идните генерации.
„Мотото ми беше кога почнав да ја пишувам книгата да ги осветлам корените. Без корените нема стебло , гранки , лисја цут, нема плодови. Корените се основа на животот“, вели Митеска.

Прибирала податоци за големото семејство потомци на чукун дедото Мише. Тој во 1812 година како руски заробеник дошол во Охрид, работел за Џеладин бег и тука основал семејство, раскажува Митеска. Таа грижливо работела на книгата во последните 15 години.

„ Тешко беше да се пишува ама како што рекол Његош без мака сабја не се кова, а камоли песна да испееш. Така и мојава работа ама едно знам дека таа тешкотија не е ништо во споредба со оној кој нема за што да пишува“ , кажува Митеска.

Во предговорот на книгата Митеска вели запишувањето е спас од заборавот. Рецензент на книгата е професор д-р Димитар Пандев.
Првата авторска книга „Охридската фамилија Мишеви“ од Вера Митеска ќе биде промовирана во сабота во 17 часот во градската библиотека „Григор Прличев“.