Mедијаторството бавно се прифаќа од граѓаните и бизнис заедницата
Напредок има, но сеуште сме далеку зад Европските земји во примената на медијацијата при решавање на споровите. Во последните 5 години со посредство на медијација најмногу решени спорови имало во делот на работните односи.
Медијаторството како алтернативен начин на мирно решавање на споровите е непознаница за граѓаните и бизнис заедницата. Законот за медијација се применува од 2006 година и кај нас споро се прифаќаат неговите бенефити и сме сеуште далеку зад Еврпските земји во примената на медијацијата, вели д-р Јелисавета Георгиева Јовеска, лиценциран медијатор и потпретседател на Стопанската комора на Македонија. Напредок во оваа област има во последните 5 години по Законските измени во 2016 година кога се додава членот за задолжителен обид за медијација на спорови до 1 милион денари. Во Македонија има 46 лиценцирани медијатори, од кои по еден има во Охрид и Струга. Според податоците на владиниот Одбор за евалуација и следење на работата на медијаторите во последните 5 години има над 3000 спорови од кои 60 посто се решени со спогодби во делот на работни спорови меѓу работодавач и работник.
„Тоа се спорови за неисплатени плати, задоцнети плати, неисплатени дневници кои ако се оди на суд би значеле поскапи судски трошоци и нервоза меѓу двете страни без разлика дали е приватна или државна институција“.
Ниска е свеста и кај правните и кај физичките лица за корисноста од медијацијата, напоменува Георгиева Јовеска. Во пораст е интересот на државните институции за решавањето на работните спорови со помош на медијаторството, додека кај приватните компании се уште има резерва од примена на алтернативната можност за мирно решавање на споровите. Напредокот е бавен иако Стопанската комора има направено над 40 бесплатни семинари за бизнис заедницата.
„Мал е бројот на комапниите во користење на медијацијата иако има заеднички обиди, не е со фактура туку по договор до 1 милион денари. Мала е свеста, повеќе веруваат на судски и арбитражни процеси. Треба промоција на медијацијата за го увидат бенефитот“.
Македонија од 2019 година е потписник и на Сингапурската конвенција во која членуваат 70 земји, а нашата земја е една од 5 те европски земји потписнички. Примената на конвенцијата е важна за бизнис секторот во унапредување на меѓународното право во трговијата и во заштитата на инвеститорите.