Костоска: Средното економско постигна многу за шест месеци самостојна работа благодарение на колективот
Нови и преуредени училници, кабинет со компјутери за екстерно тестирање, уреден влез, но и успешно спроведено екстерно проверување. Ова се само дел од постигнатите цели на средното економско училиште во шесте месеци опстојување како самостоен правен субјект.
10 училници, кабинет за компјутери, уреден влез во училиштето, учество во проекти. Ова се само дел од резултатите од шесте месеци работа како самостоен правен субјект на средното општинско стручно училиште „Св.Кирил и Методиј“. Вршителот на должноста директор на училиштето, Славица Костоска денес со медиумите ги сподели успесите, предизвиците и идните планови на училиштето. Костоска вели дека кога се одвоиле како посебен субјект немале ништо, без хигиеничари, само зграда, училници и наставен кадар кој е вработен во друго училиште.
„Канцелариите не ги дотеравме, го дотеравме наставниот простор каде учениците треба учат. Десет училници на првиот кат, колку што имаме и паралелки во секоја смена, информатичкиот кабинет на долниот кат, успеавме, морам да нагласам ние во тој период немавме ниту регистрирано училиште, ниту отворени жиро сметки, ниту средства кои сите училишта тековно ги добиваат за работа, ниту пак локалната самоуправа која ни одобрува блок дотации можеше да ни одобри бидејќи легислативата е таа, мора финансиски планови, одобренија. Подоцна веќе почнаа да стигнуваат да доаѓаат и средствата, ама наидовме до големо разбирање, имавме фирми и физички лица кои се јавија да помогнат.“-вели Славица Костоска-в.д директор на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“.
Костоска вели дека и покрај сите предизвици со кои се соочиле како колектив, задоволни се со постигнатото и со придобивките од функционирање како посебен правен субјект. Една од нив, според Костоска е можноста за вклучување на училиштето во проекти кои се наменети за стручно образование.
„Не дека бевме оневозможени или спречени или свесно да беа занемарувани тие проекти, едноставно и понудувачите на тие проекти не беа запознаени толку многу дека има стручни паралелки за да можат да ни ги понудат своите проекти и да не вклучат во тие проекти. Оваа можност за вклучување во проекти исклучиво наменети за стручни училишта ни дава и можност за користење на тие средства од тие фондови кои ги финансираат овие проекти кои можат да овозможат подигнување на техничкото ниво на училиштето, а најважно, за подигнување на стручното ниво и на кадарот и на учениците.“-рече в.д директорката Костоска.
Костоска додава, дека целиот колектив несебично зел учество во справувањето со предизвиците и според неа, една од најголемите придобивки од нивното функционирање како посебен правен субјект е позитивната клима на соработка, не само помеѓу наставниот кадар и менаџментот на училиштето туку и отворената соработка со учениците на „Св.Кирил и Методиј“.
{loadposition content9}