Ковачевски ќе бара ревизија на проектот за автопатот Кичево – Охрид, опција е раскинување на договорот
Недозволиво е автопат од 40 км да се гради 10 години и сеуште да не се пушти во употреба ниту еден метар, а притоа пратениците во Собранието да разгледуваат уште едно продолжување на рокот за изградба на патот Кичево – Охрид кажа премиерот Димитар Ковачевски , кој во Охрид присуствува на Првата конференција за патна инфраструктура.
„Од таа причина јас веќе ги информирав дел од колегите во владата дека ќе барам ревизија на проектот од страна на Државна ревизија, врз основа на којашто ќе биде носена одлуката. И со оглед на тоа дека овој проект 10 години не е завршен од низа причини од проектирање до изведба на самиот проект , а исто така и на самиот почеток тој беше предмет на низа контроверзи во кои не би навлегувал, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање на изведувач којшто тоа ќе го направи на квалитетен начин.“ – кажа Ковачевски.
Во однос на ветувањата од владата дека автопатската делница ќе биде завршена до крајот на годинава, премиерот кажа дека изведувачите имале задача и рок согласно договор изгласан во Собранието, бидејќи уште од претходната Влада договорот претставува закон и секоја негова промена или анекс се одобрува од пратениците, Притоа потенцира дека после 10 години е недозволиво пратениците повторно да разгледуваат продолжување и дека неопходна е ревизија врз основа на која ќе се предложат решенија за конечно завршување на патот. Ковачевски смета дека е неопходна и ревизија за начинот на проектирањето.
„Таа ревизија ќе покаже кои се елементите што предизвикале да има толкаво доцнење на патот. Едно е ревизија од Државната ревизија, меѓутоа во иднина ќе треба да се направи и ревизија на проектирањето, нешто го прават специјализирани компании, за да се види точно зошто се има случувано доцнењето и како тоа се појавувале свлечишта кои не биле проектирани и постојано се одолговлекува работата со гласање на нови анекси во Собранието.“ – потенцираше Ковачевски.
Вицепремиерот Артан Груби во поглед на одговорноста смета дека треба да се започне кривична постапка.
„Да се започне кривична постапка за погрешно проектирање. 11 нови свлечишта на делница Кичево – Охрид. Тоа е апсолутно неприфатливо. 10 години проектот трае. Се случува (грешка), но намерни грешки во проектирањето и бесконечно одолговлекување на проектите, тоа ги чини живот граѓаните. Колку сообраќајки се случиле на овој пат.… Дали е изведувачот, дали е проектантот, дали е надзорот , тоа нека го утврди Јавното обвинителство , а политичарите да размислат во декември дали ќе го продолжат договорот.“ – кажа Груби.
На конференцијата во Охрид која е во организација на Здружението за градежништво при Стопанската комора посебна панел дискусија е посветена на автопатот Кичево Охрид. Ставот на претседателот на Здружение за градежништво е дека автопатот предолго се гради, има премногу проблеми и дека административните и законските пречки со кои се соочиле на изградбата на автопатот биле огромни.
„Иницијативите наши преточени во конкретни предлози ги доставуваме парцијално и многу пати сме имале состаноци и со Министерството за транспорт и врски и со Државното јавно претпријатие, и сме разговарале за сите проблеми, но сега сакавме да биде се ова јавно да може сите да се запознаат што се случуваше во минатите години.“ – кажа Андреа Серафимовски – претседател на Здружение за градежништво.
Изведувач на патот Кичево – Охрид е кинеската компанија Синохидро, а неговата изградба требаше да заврши во 2018та, но со анекс договори рокот беше три пати продолжуван.