Skip to main content

Парламентарни избори 2024

Ковачевски: Ќе работиме ден и ноќ за просперитетна европска иднина на Македонија

Главен фокус останува членството во Европската Унија. Со членството во ЕУ ќе се случи вистинска и суштинска промена кон подобро во нашата земја, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Охрид. Јас верувам дека во Европска Македонија животниот стандард ќе биде многу подобар, и ќе успееме да изградиме систем на владеење на правото и ефикасна борба против криминалот и корупцијата, кажа Ковачевски.
 |  инфодеск  | 

Нашата генерација, а уште повеќе нашите деца и внуци заслужуваат европска иднина и тоа во наредните 5 години. Тоа е нашата визија и план, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на Коалицијата за европска иднина во Охрид. Во изминатите седум години, направивме многу, имавме подеми и падови, но во ниту еден момент не се откажавме, рече Ковачевски. Посочи дека се подготвени да работат ден и ноќ за да ја реализираат нивната програма.

„ Гарантираме просечна плата од 1100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влез во ЕУ ќе има уште поголем раст и просечната плата од 1300 евра и на минималната од 800 евра. Гарантираме 20.000 денари минимална и 30.000 денари просечна пензија, но и многу други финансиски мерки за поддршка на нашите пензионери. Посебен дел од програмата е посветен на малдите. Ќе дадеме се од себе тие да не ја напуштаат татковината. Тоа е мојот порив и мисија во наредните 4 год.“ – кажа Ковачевски.

Ковачевски вети и поефикасна решителна и конечна борба против корупцијата.

„ Јасно и гласно порачувам од овде заврши времето на злоупотреби, лично богатење и ситемски неправди, заврши времето на предмети по фиоки. Најавуваме сериозни реформи во судството, конечно ќе се спроведи ветингот на судии и јавни обвинители но ќе се направи и проверка на потекло на имотот на сите функционери, од пратеници до министри, директори, судии обвинители и тоа од 1991 до денес.“ – порача Ковачевски.

Ковачевски. посочи дека ЕУ е единствената шанса Македонија да се промени и да напредува и дека друг начин или опција не постои.

„Мицкоски и Силјановска ветуваат некакви алтернативни решенија за членство во ЕУ. Но, верувајте почитувани охриѓани, тоа е само продавање магла. Такво нешто не постои нигде освен во нивните глави. ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО ДПМНЕ кое на чело со Груевски кое 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ ниту милиметар.“ – рече Ковачевски.

Државата мора да оди напред. Младите не може да бидат жртва на политичари без став, без визија. Изборот е или интеграција или изолација, порача носителот на листата во ИЕ 5, Јован Митрески.

„Потребна ни е ЕУ, за побрзо да ги донесеме европските вредности дома, за платите и пензиите да растат побрзо, за побрзо да се развиваме инфрастуктурно, за да ја прошириме туристичката сезона преку целата година, за да го подобриме езерскиот, но и за го развиваме планинскиот и руралниот туризам, за да живееме просечен европски живот без грижи.“ рече Митрески.

На 8-ми мај изборот нема да биде само помеѓу партии и кандидатски листи. туку многу посуштински, избор меѓу надеж и просперитетна иднина со СДСМ или безнадежност и враќање 10 години назад со ВМРО-ДПМНЕ, порачаа од митингот во Охрид од Коалицијата за европска иднина.