Skip to main content

Ковачевски: Минимална плата 18.000 денари

Минималната плата што ќе започне да се исплатува од месец април за 80.000 граѓани во нашата земја ќе биде во висина од најмалку 18.000 денари.

 |  Голабовски Крсте  | 

Минималната плата што ќе започне да се исплатува од месец април за 80.000 граѓани во нашата земја ќе биде во висина од најмалку 18.000 денари.
Ова е резултат од договорот што вечерва го постигна Владата со синдикатите и со работодавачите.

Со ова најново покачување на минималната плата, трето по ред во последните 4 години, 80.000 граѓани ќе бидат извлечени над прагот на сиромаштијата.

Постигнавме уште една важна согласност, истакна премиерот Ковачевски во својата изјава за медиумите по повод најновото зголемување на минималната плата, да ги промениме критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Третиот критериум е новина, висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

„Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата. Очекуваме оваа мерка да влијае позитивно и на останатите плати во сите други индустрии, со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани“, нагласи Ковачевски.

Владата продолжува со уште посилен интензитет да ја помага економијата и да создава услови за раст на платите и за извлекување на десетици илјади наши граѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата. Државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од минималната плата од 15.200 денари која се исплаќа сега, до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари.

Ковачевски потсети дека Владата веќе обезбедува субвенции за околу 130.000 граѓани кои веќе земаат повисоки плати во своите фирми, преку покривање на придонесите – за таа намена издвојуваме 48 милиони евра годишно.

„Сите овие решенија се во интерес на заштита на семејниот буџет на секое семејство, заштита на стандардот и влог во битка со економската криза, како што се и преземените мерки за избегнување на ценовниот шок од поскапување на струјата на светскиот пазар, и решение и за кризата со парно греењето во Скопје“, потенцираше Ковачевски во својата изјава.

Премиерот Ковачевски во завршницата рече дека Владата ќе продолжи посветено да ги насочува парите за поддршка на стопанството и граѓаните за проекти кои значат економски раст и развој и зголемување на животниот стандард и квалитетот на живеењето.

Зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари која на работниците ќе почне да им се исплаќа на почетокот на април, е мерка која во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата.