Skip to main content

Крајно време е да се формира посебно тело во облик на туристичка полиција

Туристичките водичи се еднa од најзначајните алки во развојот на туризмот и во промоцијата на туристичката дестинација, и многу е важно како еден туристички водич ја интерпретира историјата на Македонија. Ова го истакна директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Билјана Стефаноска која оствари средба со Претседателот на Здружението на туристички водичи од Охрид, Климент Наумов. На средбата се дискутираше за проблемите со кои се соочува оваа фела и за заложбите на туристичките водичи за успешна презентација на вредностите на Охрид како најзначајна туристичка дестинација во државата.
 |  инфодеск  | 

Туристичките водичи од Охрид се соочуваат со низа проблеми од нерешен статус во делот на плаќање на пензиско и инвалидско осигурување, социјална и здравствена заштита па се до нелојалната конкуренција од нивните странски колеги. Водичи од странство на свој начин ја прикажуваат нашата историја иако според закон за тоа треба да се ангажира резидентен лиценциран водич. Законот за туристичка дејност треба да претрпи коренити измени за да можеме еднаш и засекогаш да почнеме да ги средуваме состојбите во туризмот, вели Претседателот на Здружението на туристички водичи од Охрид, Климент Наумов.

„ За жал се уште, иако долго време се разговара за формирање на туристичка полиција, за зајакнување на санкциите кон вакви прекршители, многу површно се настапува и не се казнуваат нарушителите на законот за туристичка дејност. Секако дека инспекциските служби не можат да ги ловат таквите чинители, но веќе 30 години се разговара за ова и веќе е дојден часот да се формира и посебно тело коешто ќе е во облик на туристичка полиција или комунална полиција којашто ќе ги регулира овие нерегуларности.“ – Проф. д-р Климент Наумов – Претседател на Здружението на туристички водичи од Охрид

Туристичките водичи се една од најзначајните алки во развојот на туризмот и во промоцијата на туристичката дестинација. Мисијата на туристичкиот водич е да ги информира туристите за наследството, културните и природните добра и другите туристички ресурси со кои располага нашата земја и притоа клучно е како еден водич истите ги интерпретира, каква слика пренесува, вели директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Многу е важно, на пример, како еден туристички водич ја интерпретира историјата на Македонија и како ја пренесува на туристите. Тука како сегмент би го додала начинот на известување, дали тоа се прави на мајчиниот јазик на туристот, доколку туристите доаѓаат од Германија дали тоа е на Германски јазик, ако се од Полска на Полски јазик. Апсолутно тие треба да имаат апдејтирања и обуки за своето знаење и сметам дека треба да се издаваат посебни лиценци на туристички водичи кои ќе водат групи во градот Охрид.“ – изјави Билјана Стефаноска- Директор на АППТ.

Доколку сакаме успешна презентација на вредностите и нивната промоција професијата туристички водич треба да се издигне на едно повисоко ниво потенцираат и од Здружението на туристички водичи од Охрид.

„ Ова треба да го работи човек којшто има љубов кон оваа професија. Доколку приоритет не ви е достојна туристичка презентација на државата, достојно интерпретирање на наследството можеби сте ја згрешиле професијата. На крај на краиштата отценката ја даваат туристите и тур операторите коишто можеби наредната сезона ќе се решат да го намалт интензитетот на посети. Иновативниот пристап е секогаш препознаен и секогаш се цени од клиентите, од самите тур оператори, од туристичките агенции и тоа е разликата помеѓу квалитетен туристички водич кој се надоградува, којшто тековно чита, има поширока наобразба.“ – вели Наумов.

Во Македонија регистрирани се повеќе од 1300 туристички водичи. Само во регистарот на Општина Охрид евидентирани се околу 200 водичи.