Кражбите во летниот период во туристичкиот бисер се честа појава
Кражбите во летниот период во туристичкиот бисер се честа појава. Гостите кои што доаѓаат во нашиот град да се одморат се добредојдени, но не и оние кои што сакаат на нелегален начин, односно со кражба да спечалат. Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски најавува превентивни кампањи, но и репресивни мерки за крадците пред престојната туристичка сезона и за време на летниот период.
Охридските културно историски локалитети, атрактивни и најпосетувани од страна на туристичките групи и бројните гости, омилени и за крадците. Тоа посебно е изразено во летниот период како и за време на екскурзиските посети. Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски вели дека генерално гледано во текот на летната туристичка сезона се зголемува бројот на кражбите.
„Пред секоја туристичка сезона СВР се организира малку подобро, целокупниот полициски состав се анимира во насока на подобрување на безбедносната состојба, заштита на охриѓани и на туристите кои престојуваат на Охридското крајбрежје. Ние и во оваа насока ова лето ќе преземиме пред се превентивни кампањи кои ќе треба да бидат во насока на алармирање на охриѓани на годишноодморците подобро и повнимателно да ги чуваат своите вредни предмети“.
Последна кражба беше регистрирана минатиов викенд кај локалитетот Заливот на коските во Градиште. Туристка додека го разгледувала наколната населба останала без мобилен телефон кој бил оставен во колата на паркингот. Димоски вели дека се преземаат мерки и други активности со цел пронаоѓање на сторителите на ваквите дела.
„Ние во изминативе години буквално сме имале реализација во моментот на извршување на одредени казнени дела така да имаме добро искуство во таа насока во реализација на овие казнени дела и целта е да се подобри безбедноста во градот, крајбрежието. Екипираноста на СВР Охрид е одлична, искуството кое што го имаат полицајците е исто така значајно и придонесува за реализација на поголемт дел на сторени кражби“
Димоски изјави дека ќе делуваат и на репресивн план. Нивните оперативни служби ќе бидат присутни на терен и ќе ги казнат сите оние кои што во Охрид доаѓаат не да се одморат, туку нелегално да спечалат. Дополнува дека во делот на реализација на кражби имале добри резултати, со пронаоѓање на сторители и со враќање на дел од украдените предмети.