Skip to main content

62 издание

Крената фестивалската завеса на Охридско лето

Синоќа на Античкиот театар со пригодна свеченост беше отворено 62-то издание на реномираниот фестивал „Охридско лето“.
 |  инфодеск  | 
Охридско лето

Извонредните вокални гласови на италијанските тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет на Македонија и под диригентската палка на Лоренцо Бицари вчеравечер на Античкиот театар го означија почетокот на 62-то „Охридско лето“.

Охридско лето

Прогласувајќи го фестивалот за отворен, покровителот на „Охридско лето“, претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, рече дека уметноста не треба да се сфати како бегство од животот, туку напротив, како моќна алатка којашто ќе ни ја овозможи уметноста на живеењето.

Благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас – фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници. Од особено значење е што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чии што креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика. Конечно, по две години, во коишто пандемијата оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, „Охридско лето“ со квалитетна понуда на музички и на сценски настани се враќа на достоинствен начин, којшто и единствено му прилега – истакна покровителот на фестивалот „Охридско лето“, претседателот Стево Пендаровски.

Охридско лето

„Охридско лето“, репрезент на македонската култура и уметност го носи приматот како најзначајна  музичко-сценска манифестација благодарение на огромната поддршка од Владата на Македонија преку ресорното Министерство за култура. Обраќајќи се пред многубројната публика, Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која нагласи дека „Охридско лето“ е потврда за нашиот идентитет и потврда дека сме дел од европската и светската култура.

„Охридско лето“ е благослов. Создадено од стравопочитна далга на уметнички емоции преку кои се роди далековидо „големо и нешто што ќе трае“. А се роди во врвната акустика на Света Софија, преку ехото на Самуиловата тврдина, за да трае и во овој Антички театар покриен од пластови македонска историја, културно богатство чие откопување почна пред 45 години. Нема педа од македонската земја под која нема запис од цивилизациите, од вековите, од нашето минато, од нашиот историски и културен идентитет. И врнело и грмело, и ниту уметниците ниту публиката ги напуштале сцената и столчињата. Такво е „Охридско лето“. Секоја година сè подлабоко во нашите срца, секоја година сè повисоко во дострелите и сè подалеку со добриот глас. И се издигна „Охридско лето“ во врвен културен настан, достоен за светско внимание – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Охридско лето

Уметничката порака на фестивалот годинава ја пренесе македонскиот композитор и музички уметник Горан Начевски.

Привилегија е да се настапува на истата сцена на која настапиле имиња како Погорелиќ, Хворостовски, Карерас и многу други врвни светски имиња. Искрено, за мене како композитор и оперски пејач би било полесно да ја пратам уметничката порака во форма на соната, симфонија, опера или пак преку настап на концерт, но вечерва таа нека ги содржи зборовите кои се синоним за уметност: љубов, радост, спокој, алтруизам, разбирање, копнеж, пожртвуваност, решителност, упорност, поддршка, инспирација, среќа, пријателства, насмевки и конечно мир во светот без кој човештвото нема иднина, како и достоинствен живот на сите луѓе. Да живее уметноста, и уште многу години фестивал Охридско лето – кажа Начевски.

Охридско лето

Богатата историја на Охридско лето, од далечната 1961 година, започна благодарение на уметничката интуиција и творечката иницијатива на истакнатата вокална солистка Ана Липша-Тофовиќ која го одржа историскиот концерт под сводовите на прекрасната Света Софија.

Охридско лето

На фестивалската сцена на „Охридско лето“ изминативе 62 години одржани се над три илјади приредби со повеќе од 50 илјади уметници од сите страни на светот, возбудливи изданија следени од милионска публика. Тоа е потврда дека Фестивалот по својата единственост, уникатност и неповторливост е еден од столбовите на македонската културна традиција.

Охридско лето