Skip to main content

Крие ли археолошка тајна охридскиот плоштад?!

Започнаа археолошки истражувања на плоштадот кај Чинарот. Со сонда ќе се истражува просторот за кој нема археолошки сознанија. Археолозите во неизвесност дали нешто се крие под  бекатонот на чаршијата.

 |  Валентина Неловска  | 

Археолозите почнаа со стандарни ископувања пред да започне реконструкцијата на плоштадот „Крушевска Република“. Овој простор долго време бил слободен и голема е неизвесноста дали нешто ќе се пронајде под градскиот бекатон, информира Мишо Туткоски, директор на НУ „Завод и Музеј“ Охрид.   

Во минатото на овој простор е малку ископувано и немаме никакви сознанија за некакви градби. Два века е Плоштад, отворен простор, бил пазар. Може нема никакви градби, но мора да ги извршиме археолошките истражувања кои ќе ни дадат понатамошни насоки. Доколку има објект ќе бараме начин заедно со општина Охрид да го вклопиме и да го презентираме – истакна Туткоски.

Во археолошкото истражување се вклучени тројца охридски археолози. Ископувањата започнаа со две сонди и на две места. Од можните пронајдоци под бекатон плочките ќе зависи понатамошниот тек на археолошките истражувања. Доколку се пронајде некоја структура тогаш може да се прошири истражувањето со повеќе сонди.

Археолошките истражувања се вршат до карпа или здравица. Ние одиме до најдолната можна точка. Во овој случај кога се прави реконструкција на просторот и да има остатоци нема да се загрози реализацијата на проектот. Ќе ни овозможи да планираме за идни зафати ако наидеме на некои остатоци – вели Туткоски.  

За отпочнување на овој проект се поминати сите законски постапки од „Завод и Музеј“ и Управата за заштита на културното наследство. Со проектот за реконструкција на плоштадот ќе се заменат плочките, а ќе се замени и постоечката фонтана која е дивоградба со изградба на нова која ќе биде соодветна на просторот.