Што крие некогашната Детска болница, Охрид
Архивските материјали од Детска болница од Охрид лежат по подовите, расфрлани насекаде низ некогашните простории на оваа установа. Местото им е во Државниот Архив на Р. Македонија, но досега надлежните не ја спровеле постапката за нивно соодветно депонирање.
Јасмина Силјаноска 3 години била во потрага по историјата на болеста на својот син. После неколку неуспешни обиди низ институциите да ги пронајде потребните документи, нејзината упорност се исплатила на први мај годинава. Имено како што кажува таа, дента влегла во просториите на некогашната Детска болница, која во моментов е претворена во руина, со цел да ја побара историјата на болеста на нејзиниот син и истата ја пронашла. Силјаноска раскажа дека поради вродена астма од што боледува нејзиното малолетно дете, во неколку наврати детето било хоспитализирано во некогашната детска болница во Охрид. Документите и биле потребни за да ги поднесе до надлежните институции како нејзиниот син би се стекнал со надомест за посебен додаток.
„Најпрвин отидов кај вработените од некогашната детска клиника. Еден од нив ме упати документите да ги барам во Државниот Архив во Охрид. Отидов таму од каде што ми кажаа дека кај нив не биле донесени никакви документи. Потоа ме упатија и до Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“, со образложение оти наводно документите биле таму. И од таму ми кажаа дека од Детската болница нема никакви документи. Прашував по сите вработени од таму и никој точно не знаеше што се случило со документите. На крај за мајот се сетив и појдов таму да проверам дали по некоја случајност документите се таму, за среќа моја ги најдов таму“ – раскажува Силјаноска.
Првиот човек на Државниот Архив на Р. Македонија подрачно одделение Охрид, Илинка Јанева, го поздрави обидот на ТВМ да дознае што се случува со документацијата од болницата и зошто таа не се наоѓа таму каде и е местото. Според Јанева од исклучително значење е да биде испочитувана законската обврска на имателот на архивата, што во случајот со Детската Специјална клиника не е направено.
„Обврска нивна беше граѓата во архивски кутии да ја предаде на државниот архив, тоа е обврска на Министерството за здравство, во зависност под кој ресор спаѓа. Трошоците за евидидентирањето, средувањето и сместувањето во архивската граѓа и транспортирањето до архивот се на имателот фактички на Детската болница . Тие доаѓаат во нормално средена состојба и ја сместуваме во депото, кое е средено по пример на една апотека. Ако детската болница се погрижила тогаш да го донесе материјалот до Државниот архив,тогаш архивот има обврска да го прими и да го чува бидејќи тој материјал е од корист на граѓаните“.
Никола Митровиќ инспектор во Државниот Архив упати апел до граѓаните и институциите за подигање на јавната свест за значението на чувањето на документацијата која ја поседуваат.
„Документацијата претставува најзначајно сведоштво од кое сите понатаму ќе имаме потреба. Не само законските норми можат да направат да се чува документацијата, туку напротив туку и свеста кај граѓаните и институциите мора да биде на повисоко ниво се со цел понатаму да имаме документација која ќе им служи на идните генерации се разбира како сведоштво од минатите генерации“.
Клучот за разврска на овој сериозен проблем лежи во Министерството за здравство. Од таму до затворањето на дневникот не добивме одговор на нашите прашања, за судбината на архивата од Детската специјална болница. Портпаролот на ресорното министерство само кратко не информира дека нашите прашања ги препратиле до Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
{loadposition content9}