На 28-годишна возраст, во трагичен настан, животот го загуби младиот охридски снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев.
Веста за неговата прерана смрт предизвика силни реакции во јавноста. Колеги, пријатели и соработници се простуваат од Кристијан Љушев, изразувајќи длабока тага и неверување поради трагичната загуба.
Љушев беше препознатливо име меѓу младите визуелни автори во земјава. Неговиот професионален ангажман опфаќаше широк спектар на проекти – од комерцијални видеа и музички спотови, до документарни и интернационални продукции. Оствари соработки со бројни музичари и уметници, меѓу кои Александар Јосифоски, Мартин Милески, Влатко Броз, Марама и други.
Посебно беше посветен на визуелното документирање на културните и традиционалните настани во Охрид и поширокиот регион, а неговиот творечки печат е присутен и во повеќе проекти поврзани со Бигорскиот манастир.
Според првичните информации, вчера попладнето Љушев паднал од петти кат во окно од лифт во зграда во изградба. Повеќе информации за околностите под кои се случил трагичниот настан, од СВР Охрид најавуваат за во текот на денешниот ден.
Екипата на ТелевизијА ТВМ изразува длабоко и искрено сочувство до семејството, блиските и пријателите на Кристијан.