Кристијан Шишкоски, првенец на генерација од ОСУ „Св. Климент Охридски“, заедно со уште четворица ученици, е избран да ја претставува Македонија на 53-тата Меѓународна олимпијада по физика која ќе се одржи од 10 до 17 јули 2023 година во Токио, Јапонија.
По тој повод градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков се сретна со Кристијан и со директорката на Гимназијата, Светлана Велкоска. Градоначалникот искажа безрезервна поддршка за учеството на Олимпијадата на ученикот со кој се гордее Охрид и Македонија.
Инаку, селекциониот натпревар се одржа на 29.05.2023 година во организација на Друштвото на физичари на Република Македонија каде беа поканети 25 ученици кои покажале најдобар резултат на државниот натпревар по физика. Според покажаните резултати матурантот Кристијан Шишкоски влезе во групата од петте најдобри ученици кои ќе ја претставуваат нашата земја на претстојната олимпијада во Токио.