Skip to main content

ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид

Kривична пријава против Кристина Крлеска-Деспотоска, раководител на Централен регистар Охрид и вработени во АВРМ Охрид

Изборот на претседателката на ОО на СДСМ Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска за Раководител на Централен регистар Охрид е незаконски, велат од ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид. Оттаму поради основани сомненија за злоупотреби поднеле кривична пријава против Крлеска-Деспотоска и лица вработени во Агенцијата за вработување во Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

ВМРО ДПМНЕ Охрид поднесе кривична пријава против Кристина Крлеска-Деспотоска, раководител на Централен регистар Охрид и лица вработени во Агенција за вработување на РМ во Охрид. Кривичната пријава е поднесена  поради основано сомнение дека пријавените сториле кривични дела ,,Злоупотреба на службена положба и овластувања“, ,,Фалсификување службена исправа“, ,,Фалсификување или уништување деловни книги“,,Употреба на исправа со невистинита содржина“ и  ,,Поднесување лажни докази“, кажа на прес конференција потпретседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Александар Китески.

„ Пријавените при изборот на претседателот на СДСМ Охрид, Кристина Крлеска-Деспотоска за раководител на Централниот регистар во Охрид постапиле незаконито. Крлеска-Деспотоска да одговори дали ги исполнува условите согласно Јавниот Оглас објавен за избор на Одговорно лице за работење – Раководител каде кандидатот треба да има завршено високо образование Правни или Економски науки со најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката од кои најмалку ЕДНА ГОДИНА  НА РАБОТНО МЕСТО ВО ЈАВЕН СЕКТОР? Јавноста треба да знае дека согласно евиденцијата од Агенцијата за вработување, Претседателот на СДСМ Охрид, нема доволно работно искуство во струката на работно место во јавен сектор.“ – рече Китески.

Китески ја повика Крлеска-Деспотоска веднаш да демантира дека пријавените поединечно или заедно успеале да го заобиколат системот и да каже дали како Претседателка на СДСМ Охрид својата партиска позиција ја има искористено за вршење притисок во Агенцијата за вработување, односно работното искуство кое го има стекнатo како помлад референт за план и анализа да го запише како економист за анализа и планирање. Дали Крлеска-Деспотоска ќе каже дека не е вистина дека согласно нејзиниот договор за вработување во ЈП „Охридски комуналец“  од 09.05.2012 година  до 10.11.2017 година е на работно место РЕФЕРЕНТ ПО ПЛАН И АНАЛИЗИ, а по завршување на нејзиниот мандат како Директор на ЈП „Градски пазар“ од 12.11.2021 година повторно се враќа на позицијата ПОМЛАД РЕФЕРЕНТ ПО ПЛАН И АНАЛИЗИ, праша Китески.  

„И во двата случаи работното искуство кое го стекнува претседателот на СДСМ Охрид е со СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ. Во случајот со јавниот оглас за избор на раководител на Централен регистар Охрид, потребно е минимум 4  години работно искуство во струката (што подразбира работно искуство на работно место за кое е предвидено високо образование) од кои најмалку една година работно искуство со високо образование  во јавен сектор. Што се однесува на работното искуство на Крлеска Деспотоска како Директор на ЈП „Градски пазар“ тоа не се смета за искуство во јавниот сектор, согласно Член 2 , Став 3 од Законот за вработени во Јавниот сектор. Ја повикуваме Крлеска Деспотоска да одговори пред јавноста: Дали Трудовиот инспекторат на Р.М констатирал неправилности при нејзиниот избор и дали повел кривична постапка против комисијата која ја спроведувала постапката? Дали Директорот на Централниот регистар на Р.М за да се заштити себеси и комисијата која ја спровела постапката за избор има поднесено кривична пријава против Крлеска Деспотоска заради поднесување лажни фалсификувани докази?“– рече Китески.

Од ОК на ВМРО ДПМНЕ бараат веднаш пријавата да се разгледа, да се отвори случај и согласно своите законски ингеренции надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки. Китески јавно ја повика  Крлеска-Деспотоска  доколку изнесените наводи се лажни и невистините веднаш да ги демантира, а не, како што рече,  да се крие зад партиски соопштенија по социјалните мрежи.