Skip to main content

Охридско лето

Кривокапиќ и Церовиќ ја воодушевија публиката

Концертот на дуото Кривокапиќ и Церовиќ ја исполни „Света Софија“, а во редовите на публиката беше и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
 |  инфодеск  | 
Концерт дуо Црна гора

Црногорското дуо гитари Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ вчеравечер ја воодушевија публиката на фестивалот „Охридско лето“ со својот маестрален настап во црквата „Света Софија“ .

На фестивалскиот репертоар, двајцата извонредни уметници ја изведоа Шестата англиска свита од Јохан Себастијан Бах транскиптирана за две гитари што ја снимија пред неколку години, а потоа и Свитата Троилеана од Астор Пјацола. Крајот на прекрасната вечер беше резервиран за транскрипција на музиката на Мануел де Фаља.

Репертоарот не е оригинално напишан за гитара, но тоа е наш репертоар за дуо гитари. Гитарата е специфичен инструмент и музичкиот јазик кој е пишан оригинално за гитара на некој начин е ограничен од техничките можности на инструментот. Кога се занимавате со музика која не е наменета за гитари, се случуваат некои интеракции и важни процеси каде можете да ги спознаете можностите на гитарата кои се безгранични – рече гитаристот Данијел Церовиќ.

Концерт дуо Црна гора

Ова дуо настапува заедно на престижни фестивали и во познати концертни сали низ целиот свет меѓу кои Филхармонијата во Санкт Петербург, салата „Мануел де Фаља“ во Мадрид и „Концертгебау“ во Амстердам.

Со Горан првпат свиревме кога бевме на студии, подоцна свиревме заедно на Музичката академија во Мастрихт и всушност тогаш започна нашата соработка која трае долги години. И после пандемијата повторно се закотвуваме на нашата заедничка работа. Горан живее во Германија, а јас во Црна Гора и тешко беше да се подготвуваат нови репертоари, но во текот на оваа и следната година ќе има новитети од нас – додаде Церовиќ.

Тој не го криеше задоволството, што настапи на еден од најреномираните фестивали во Европа, фестивалот „Охридско лето“. 

За „Охридско лето“ слушав и следев што се случува уште во студентските денови и секогаш имав амбиција да дојдам и да настапам. И еве, се оствари сонот да настапам на „Охридско лето“. Кога зборуваме за регионот што е околу нас и нè поврзува, за Охрид имам посебно место во срцето – истакна гитаристот Церовиќ.

Концерт дуо Црна гора

Дуото има широк репертоар кој се состои од транскрипции на „стара“ музика и оригинални композиции од XIX, XX и XXI, со особен акцент на современа музика за две гитари.

Вчерашниот концерт на дуото Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ ја исполни црквата „Света Софија“, а во редовите на публиката беше и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.