Внимавајте, почна сезоната на крлежите
Наглото зголемување на температурите после долгата и влажна зима, идеални услови за размножување на крлежите. Граѓаните имале несакани искуства со овие непријатни инсекти. Епидемиолозите советуваат доколку се закачи крлеж да се избегнува отстранување во домашни услови затоа што тоа може да направи дополнителни компликации.
Внимавајте, почна сезоната на крлежите. Наглото зголемување на температурите после долгата и влажна зима се идеални услови за нивно размножување. Ги има во грмушките, високите треви, на дрвјата, а граѓаните често се жртви на овој пајаковиден членконог.
–Ми се закачи крлеж и отидов на лекар па интервенираа. Многу непријатна случка. Сега многу внимавам кога се движам каде што има високи треви, вели еден наш сограѓанин.
–Крлежите ги има по тревата ама и од милениците. Тие што имаат кучиња и мачки треба да водат сметка за нив, вели една охриѓанка.
Лекарите објаснуваат дека не секој крлеж е заразен, но апелираат каснатите да побараат помош оти болеста може да се развие и по повеќе месеци. Крлежот може да предизвика и лајмска болест, која исто може да направи сериозни здравствени компликации. Некои пациенти со лајмска болест имаат симптоми на грип: сувост на грлото, главоболки, треска, болки во зглобовите и мускулите, зголемени лимфни жлезди.
–Доколку се закачи крлеж да се избегнува отстранување во домашни услови затоа што тоа може да биде неуспешно и да остане рилката на крлежот внатре што може да направи дополнителни компликации. Најдобро интервенцијата да се направи стручно од страна на хирург, вели епидемиологот Јованка Стурлакова- Коровешоска.
Граѓаните за да се заштитат треба задолжително да носат светла и долга облека додека престојуваат во природа и задолжително да извршат самопреглед од како ќе се вратат дома. За поширока заштита треба да се направи аеро и теренска дезинфекција. Инаку, наменско прскање против крлежи не се прави. Прскањето против комарци, во исто време претставува и прскање против останатите инсекти така да нема потреба специјално само за крлежите да се прска, велат од Центарот за јавно здравје. Прскањето кое наскоро треба да се направи против комарците ќе биде системска дезинсекција и против останатите инсекти, додаваат од таму.
Се чека државната Комисија за заразни болести да даде наредба до сите единици на локалните самоуправи во државава да направат аеро и теренска дезинфекција.
{loadposition content9}