Skip to main content

Крстевска: Се чуствува мало намалување на букинзите поради политичката криза во земјава

Се чувствува мало намалување на букинзите поради актуелната политичка состојба во земјава, велат од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот. Но сепак, препораките на Англија и Холандија до своите граѓани, да бидат внимателни при посета на Македонија бидејќи има протести, не ги предомислуваат патниците во својата намера да ја посетат нашата земја.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Политичката криза во земјава има влијание на претстојната туристичката сезона. Тоа се погласно се слуша од претставниците на хотелскиот сектор на охридско – струшкото крајбрежје, кои коментираат дека не само што е намален бројот на резервации од странски гости туку има и откажување на аранжмани. Директорката на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Лела Крстевска, не негира за таквата состојба, но убедува дека има минимално откажување на резервациите.

„Точно се чуствува мало намалување на букинзите, но она што на терен го видовме во Охрид е дека охриѓани се многу задоволни и велат ваква сезона досега немало. Најверојатно тоа се должи на временските услови кои што за среќа беа во наша корист имавме топло време во април. Малку порано почна сезоната“ – вели Крстевска.

Крстевска нагласи дека не само политичката криза во Македонија туку и воопшто безбедносната состојба во Европа и светот го намалиле волуменот на патувања, што пак дополнително се одразува и во нашата земја. Лин Хју од британскиот магазин ,,Wonderlast Travel” , вели дека предупредувањата за состојбата во Македонија биле многу контраверзни и се отварале дискусии каде се разгледувале и детали, со цел оние кои решиле да ја посетат нашата земја сами да одлучат дали ќе ги следат или не препораките.

„Нормално е кога има било каде протести луѓето често се загрижени но истоа така е точно дека имаат кратка меморија и после две три недели најверојатно се тоа ќе се заборави.

Моника Трејс туристички работник од САД, вели, американците сметаат дека Македонија не е безбедна , но промоциите, натписите, репортажите по светските туристички магазини, ја бришат лошата слика за земјава и Балканот.

„Во САД има една перцепција дека Македонија и Балканот не се безбедно место за патување но ова е прав чекор вакви тури за запознавање со земјата и медиуми затоа што на тој начин се менува перцепцијата за регионот. Затоа што еднаш кога ќе дојдат луѓето гледаат дека се е во ред и нема проблеми и моето искуство овде, е дека сум добредојдена и дека сите гости се добредојдени“.

Инаку, оваа година Охрид е полн со туристи уште од почетокот на месец април. Присутни се гостите од регионот, Албанија, Бугарија, но и од Холандија, Белгија, Шведска, Турција, Полска и Кина.