Куќата на Коле Котуш цели шест и пол децении заборавена од надлежните
Куќата на Коле Котуш во Варош, 6 и пол децении е заштитен културно историски објект. Сопствениците стравуваат дека куќата која е во многу лоша состојба во секој момент може да се урне и укажуваат дека претставува опасност по животот на граѓаните кои минуваат по улицата Цар Самоил. Апелираат надлежните институции час поскоро да преземат мерки за нејзина санација. Од Завод и Музеј велат дека објектот е влезен во програмата и најверојатно наредната година ќе биде обновен.
Куќата на Коле Котуш во стариот дел на Орхид иако претставува значаен културно историски објект оставена на забот на времето. Куќата е сосема руинирана и претставува опасност за бројните минувачи и туристите по улицата Цар Самоил. Сопствениците Љупчо и Јасминка Маслови секојдневно стравуваат дека куќата ќе се сруши, и не дај Боже некој ќе го земе на душа. Маслов кажува дека неколку пати преку писма, дописи и лични контакти укажувале до надлежните установи за опасноста од руинираниот објект, но до ден денес останале без одговор.
„Не почестија со елаборат и проект за куќата дека намерата на Заводот е за факсимилна целосна обнова на куќата, затоа што било кој дел ако планираш да го санираш другиот стрчи бидејќи куќата е во лоша состојба. Ние би сакале да се најде некој компромис меѓу Заводот да не мора да биде се на нивни трошок ако тие надворешно можат да преземат нешто за куќата да го добие архитектонскиот стар изглед во внатрешноста би преземале ние“ – вели Маслов.
Маслов посакува Куќата на Коле Котуш да се реконструира и да претставува нов и интересен дел во туристичката понуда на градот. Тој вели дека во ниту еден случај не размислувал овој објект да го продаде иако имал безброј понуди за тоа. За него оваа куќа имала и сентиментално значење како оставнина од стариот рибар.
„Не доаѓа во предвид да ја продаваме иако од сите континенти доаѓале и од Австралија, Америка, Канада гурбетџии и од Европа а и политичари од ралична политичка ориентација куќата да ја купат. Јас со големо задоволство сум им кажал дека куќата не е за продавање со други зборови несакам ни бланко ниту со некоја цифра да ме испровоцираат“ – кажува Маслов.
Тој забележува дека одредени куќи кои не биле на приоритетниот список меѓу 16 те објекти за реставрација од 2011 година, кој се однесува на селектирани објекти во рамките на препознатливите урбани и амбиентални целини чии челни фасади партиципираат во урбаните целини во Охрид, биле санирани, а неговата не. Маслов го поздравува и Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство, со кој смета дека многу ќе се допринесе за имиџот на градот само доколку се примени и реализира.
Побаравме став од директорката на Завод и Музеј, Тања Паскали Бунташеска во врска со плановите на установата за Куќата на Коле Котуш.
Ние како установа имаме 4 годишен план. Во тој план до 2019 година планирана е и санација на Куќата на Коле Котуш. Најверојатно куќата ќе се санира наредната 2016 та година. Важно е дека куќата е земена во предвид.
Останува да се надеваме дека до тогаш овој објект нема се сруши. Инаку Куќата на Коле Котуш уште од далечната 1951 година е ставена под заштита, согласно Законот за културно историски споменици, како природна реткост, од страна на тогашниот Градски народен Одбор, а во 1980 година добила заштита и од УНЕСКО како светско културно наследство со посебен третман и методологија на конзервација. Овој објект во времето на грчката егзархија според кажувањата на постарите претставувал грчко училиште и имал уште еден спрат плус и кровна конструкција во стар охридски стил во форма на турбан кој се гледа од сликите од историскиот Архив.
{loadposition content9}