Култура на високи потпетици
Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ со старо-нов директор
Драгана Боцеска уште четири години ќе директорува со Националната установа Центар за култура Григор Прличев. Вака одлучила министерката за култура откако ги разгледала апликациите и на двајцата останати кандидати кои го посакувале ова престижно директорско место. Канчевска-Милеска по втор пат и дава доверба на Боцеска. Ова е првата година од нејзиниот втор мандат. Боцеска кажува дека продолжува да работи со полна пареа објаснувајќи дека на повидок е реализација на голем број проекти. Министерството за култура од својот буџет издвоило околу 4 мил денари за проекти од театарската дејност, изложби, филмски проекции, фестивали и тн. Приоритет на центарот е функционирањето на тазе отворениот театар. За тоа вели Боцевска се издвоени најмногу средства од министерството, а досега се направени и поголеми реконструкции во просториите во кои функционира театарот. Ќе се обновува и техничката опрема на театарот. За оваа година одобрени се три проекти, а моментално се работи на претставата Полицајци чија премиера треба да се случи на 21 април. Планирано е поставување и на три изложби од еминентни сликари. Од 25 до 27 април ќе се прикажува римејкот на филмот Скопје. Пред почетокот на летото ќе се одржат повеќе концерти на отворено од страна на ансамблот „Бисери“ и неговите гости. Се работи и на подготовката на фестивалите како „Балканскиот“, „Рибарче“, Фестивалот на француски филм и тн. Директорката вели дека оваа програма ја најавуваат со цел граѓаните да се запознаат со истата и да ги посетат настаните во што поголем број.
Боцевска кажува дека и понатаму ќе продолжи соработката со Националната установа, Фестивалот „Охридско лето“. Идејата претставите кои ќе се изведуваат во рамките на овој фестивал да продолжат да живеат и во текот на годината и тоа на сцената на Центарот за култура, останува. Се чека само новата директорка на „Охридско лето“ да ги преземе работите во свои раце и да продолжи каде што застанаа.
Евидентно е дека на чело на трите национални установи од областа на културата во Охрид се наоѓаат дами. Директорките на Фестивалот „Охридско лето“, Центарот за култура и Библиотеката, ќе го креираат културното живеење во градов со женски сензибилитет.
{loadposition content9}