Skip to main content

Кумства и водичарски традиции во охридското село Свиништа

Во охридските села Водици се прославува во таканаречени кумства, кои се формирани по роднинска линија или по маала.  Во планинското село Свиништа овој празник има посебно значење за мештаните. Се прославува во седум кумства или компании.
 |  инфодеск  | 

Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, затоа што на тој ден Спасителот Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во водите на реката Јордан. Во охридските села Водици се прославува во таканаречени кумства, кои се формирани по роднинска линија или по маала. 

Во планинското село Свиништа овој празник има посебно значење за мештаните. Се прославува во седум кумства или компании. Во кумството на стариот свинишки род на староседелци Аџиовци, кое брои 30 фамилии, подготовките траеја преку целата година.

Годинешниот кум Ацо Климоски Аџија неколку месеци работеше на уредување на Светијонскиот дом, се изгради и потпорен ѕид, а беше проширен и пристапниот пат.

За овој голем ден во Свиништа се собираат сите на родната грутка,  се враќаат дури и тие кои се иселиле во Европа, Америка и Австралија  да се потсетат на традицијата на одбележување на овој голем верски празник.

Ден пред Водици, на празникот наречен Водокрст или Водопост годинешниот кум, ланскиот и идниот  со осветена вода и со крст украсен со сребрени парички, црвен конец и босилок ги посетуваат семејствата кои припаѓаат на нивниот крст и  ги канат на гости. Со водата се прска низ домот бидејќи таа се верува дека има исцелителна моќ.

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици.

Светиот Крст во Свиништа се положува во базенот на главната селска црква Св. Никола, која што е изградена во далечната 1934 година.

Во Светијонските домови се празнува со песна и оро, се служи ручек и вечера, а се подготвува и домашна алва карактеристична за прославата во ова охридско село.

фото: МЗ Свиништа и Светијонска куќа Аџиовци