Skip to main content

Прв еко пазар на облека и користени предмети во Охрид

Купување користена облека во светот тренд, кај нас во зародиш

Половната облека е актуелна поради многу славни личности што во последно време ја промовираат, но и поради борците за зачувување на животната средина, затоа што новата употреба на старата облека е еден вид рециклирање. Охрид го направи првиот чекор, се одржа првиот еко пазар, чија цел е намалување на загадувањето од текстил.
 |  инфодеск  | 

Се уште ниско ниво за купување користена облека. Луѓето купуваат половна облека најмногу заради ниските цени, но во светот овој тренд е популарен дури и меѓу најбогатите. Во последно време и кај нас има сѐ повеќе луѓе коишто ги посетуваат продавниците од втора рака, не само поради тоа што бараат необична облека, туку затоа што им се допаѓа оваа „еко идеја“.

Причините за купување стара облека се различни: уникатност, добар квалитет, фин материјал, рачно изработени детали, индивидуален креативен стил и израз, економска исплатливост, колекционерство, но најважно од се заштита на животната средина. Половната облека е актуелна поради многу славни личности што во последно време ја промовираат, но и поради борците за зачувување на животната средина, затоа што новата употреба на старата облека е еден вид рециклирање.

Охрид го направи првиот чекор, се одржа првиот еко пазар, чија цел е намалување на загадувањето од текстил.

„Имаше огромен интерес многу се возбудливи ваквите иницијативи ние како иницијатива пред неколку години организиравме улична распродажба на лични стари алишта, јакни, обувки тогаш имаше голема скепса од повозрасните дека ова не може да функционира имаме како народ многу предрасуди, но морам да кажам дека оваа распродажба беше толку успешна, толку забавна. Цела населба учествуваше сега и до ден денес прашувата кога повторно. Со училишта без пластика и Младинскиот совет планираме овој еко пазар да го правиме секој месец и веќе имавме сугестии дека многу поуспешно и многу повеќе народ ке се собере доколку го направиме централно. Па планираме во март негде во центар каде повеќе охриѓани ќе може да си купат нешто.“ – вели Драгана Карашова екологист.

Воопшто не е срамно да сакате да си најдете парче облека во продавниците со стари алишта. Европа со широки раце ги прифати овие видови продавници. Приказната за облеката од „втора рака“, која има еко позадина почнува да се проширува во почетокот на 90-те години. Важен податок е дека токму старата облека, текстилот е вториот загадувач на глобално ниво.

„ Значи после нафтената индустрија осум до десет отсто на стакленичките емисии кои го создаваат ефектот на стаклена градина се нели главната причина за климатските промени доаѓаат токму од текстилната индустрија. Само еден посто од алиштата се рециклираат се друго завршува по депониите по ѓубриштата како кај нас во Буково. Во Охрид постои една продавница за користена облека но не е на принцип на социјално прептиемништво а овој бизнис треба да почива на тој принцип, односно принципот на создавање на зелена транзиција на нашата земја е многу поважен отколку да се заработува.“ – вели Карашова.

Навиките за купување користена облека кај нас се во зародиш, на многу ниско ниво а главната причина се пристапните цени на новата облека во текстилната индустрија.

На првиот еко пазар на облека и користени предмети во Охрид учествуваа деца од четири училишта кои се дел од проектот Училишта без пластика. Вакви пазари во Охрид се планираат секој месец.

Новинар Соња Рилковска