Курајчани ќе маршираат во чест на војводата Аргир Маринчев
Жителите на Куратица утре ќе му оддадат почит на македонскиот револуционер, Аргир Маринчев.
Куратица утре маршира во чест на револуционерот Аргир Маринчев. Претседателот на месната заедница од Куратица, Горан Ангелоски вели дека оваа идеја отсекогаш постоела и се негувала во Куратица, но годинава сакале таа да биде понагласена. Нивниот марш започнува од средсело, а учесниците ќе треба да поминат четирикилометарска патека се до вечното почивалиште на Маринчев, каде на 13ти Септември далечната 1903 година, овој револуционер загинал заедно со својата чета.
„Целта на тој настан е промовира, да се запознае јавноста со еден настан што се случувал во охридскиот регион што жителите од охридско и пошироко, целата македонска јавноста се слабо запознаени со битката кај Рашанец, поточно Грмешница каде била една од најжестоките битки по илинденското востание.“-вели претседателот на месната заедница од Куратица, Горан Ангелоски.
Ангелоски вели дека ова историско место сеуште има траги од битките на комитите. Расфрлани чаури, кревети издлабени во камен, пушкарници, пештери каде се криеле комитите. Со оглед на историската важност на оваа локација, Ангелоски вели дека тие имале обиди ова место да го направат туристичка атракција, и инфраструктурно да го уредат.
„Ние како месна заедница, на неколку пати имавме предложено до Министерството за култура, но за жал тие проекти не знам од која причина не беа прифатени за уредување на самото место со патеки, мостови. Затоа што тоа се две висечки карпи каде беше предвидено да се постават висечки мостови. Значи комплетна понуда за еден турист кога би дошол тука да види, да се врати во историјата и да види низ што се поминал македонецот.“-додава Ангелоски.
За учество на овој свечен марш, досега се пријавени околу дваесеттина лица, но пријавувањето и натаму трае. Тргнувањето е утре изутрина, во осум часот.
{loadposition content9}