Skip to main content

Курајчани денес протестираа пред ЕВН

Една деценија мештаните на село Куратица се соочуваат со проблеми во снабдувањето со електрична енергија преку дистрибутивниот систем на ЕВН Македонија. Тие денес под мотото „Стоп за несериозноста на ЕВН“ излегоа на мирен протест и од ЕВН побараа изградба на нова мрежа, со цел еднаш засекогаш да се надмине овој горлив проблем. Од ЕВН ветуваат дека ќе работат на подобрување во снабдувањето со енергија во Куратица.

 |  Николоска Биљана  | 

Курајчани денеска преку мирен протест го изразија својот револт кон ЕВН Македонија, поради зачестените прекини на електро снабдувањето во ова охридско село. Тие од ЕВН побараа, под итно да предложат план за неопходни инвестиции и изградба на нов систем за пренос на електрична енергија, исто така побараа ЕВН за секакви дополнителни планови да се консултира со месната заедница како и тоа, за понатамошниот тек на работите мештаните писмено да бидат известени. Претседателот на М.З. Горан Ангелоски укажа на застареноста и неодржливоста на системот на пренос на постоечката траса која е причина за недостапниот терен на екипите на ЕВН.

 „На овој начин ние не можеме да функционираме понатаму, село со 300 жители и при врнежи од снег и дожд ние остануваме со денови без струја. Мрежата во Куратица е уште од Титова Југославија и со таа мрежа ЕВН не може да функционира и бараме да инвестираат во мрежата за да не се случи повторно уште не завршена оваа зима следната да ги изненади“ 

Ангелоски смета дека проблемот може да се надмине со поставување на комплетно нова мрежа и тоа го побарале од ЕВН Македонија.

„Месната заедница Куратица е подготвена секогаш со идеи и разговори и ние да излеземе во пресрет со цел да се надмине проблемот. Изминатите 10 години ние сме лидери во развој на руралниот туризам и остануваме со тие стратешки цели на селото, па затоа не смее да се случи да немаме електрично напојување“.

Веднаш после протестот, претседателот на М. З. Куратица, беше примен од страна на раководството на ЕВН во охридската подружница. Ангелоски кажа дека задоволен бил од средбата на која било договорено уште од утре да се преземат одредени активности, односно реконструкција на струјните столбови. Ставот во врска со надминување на проблемот со курајчани го изнесоа и од ЕВН Македонија. Портпаролот Атанас Ковачески кажа дека било разговарано со претставниците на месната заедница и се договориле уште утре нивни екипи да излезат на терен. Тој нагласи дека мештаните на Куратица не се оставени сами да го решаваат проблемот. Од компанијата ветуваат дека во претстојниов период ќе работат на подобрување во снабдувањето со електрична енергија.