Курајчкиот фестивал годинава одбележува јубилеј
Охридското село Куратица се подготвува за традиционалниот Василичарски карневал. Годинава овој карневал бележи две децении од своето постоење. Низ годиниве курајчкиот карневал успеал да стане препознатлив бренд во земјава велат организаторите.
Курајчани одбележуваат значаен јубилеј, 20 години од постоењето на Василичарскиот карневал. Традиционалните маски, зетот, невестата, валегачот, бајачот и годинава ќе бидат дел од поворката која започнува на 13 јануари во 17 часот, вели кметот на селото Горан Ангелоски. Тој најавува многу изненадувања, а за ТВМ открива кој ќе ги забавува бројните посетители.
„Збогативме подобро во музичкиот дел, тука е Екстра бенд од Скопје, водител ќе биде Игор Трпчевски или таканаречениот Итар Пејо од Прилеп и Маја Бимбилоска, така да ќе имаме една успешна приказна надополнета со многу други убави работи што посетителите ќе можат да го видат на едно место“
Курајчкиот Василичарски карневал изминативе години успеал да застане на исто рамниште со останатите карневали кои што се одржуваат во нашата земја, вели Ангелоски. Како месна заедница сеуште се обидувале овој настан да го наметнат да биде под државна капа .
„Едно вакво рурално подрачје заслужува да биде поддржано од државата и се надеваме дека државата ќе има слух и во иднина карневалот да влезе под Министерството за култура. Соработката и благодарноста ја даваме на нашите иселеници кои безрезервно ни даваат поддршка и во ова јубилејно издание. Секако тука е и Локалната самоуправа која учествува со одредена сума и оваа година добивме ветување дека ќе биде поддржан карневалот“.
Ангелоски рече дека оваа година ќе аплицираат до Федерацијата на Европски карневали и очекуваат веќе од наредната година да станат дел од Унија на карневали. Маските во Куратица до последниот момент се тајна. Деновиве се чуствува раздвиженост околу нивната подготовка вели Ангеловски. Додава дека очекуваат многу посетители, а гостите од Прилеп веќе им биле најавени.