Животот пулсира во знакот на василичарскиот карневал кој има традиција колку и самото село (преку 500 години), но со реорганизирање на здружението Св.Василиј и надополнување на содржини навршуваат 26 години. Жителите ги привршуваат последните подготовки, се дотеруваат маските се набавуваат дрва за василичарскиот оган .
Организирањето на една ваква манифестација носи голема одговорност. Најголема помош се добива од ентузијастите –волонтери од здружението “Св Василиј” од с.Куратица, иселениците од дијаспората и локалната власт.
Традиционалниот дел остана оригинален, пренесуван од колено на колено, кој почнува на 13 ти јануари оваа година околу 16 часот со зетот, невестата, бајачот валегачот, музикантите и учесници кои секој на свој начин маскирани тргнуваат во посета на сите домаќинства за бркање на лошите работи од домот и носење радост во домовите, предвидено е поворката да заврши околу 23:30 по што заедно со групата и селаните ќе има заеднички собир на курајчкото сретсело.
Главната манифестација, односно карневалот под маски е предвидено да започне на 14.01. од 19 часот, што ќе кулминира со главното дефиле под маски по што ќе бидат прогласени и најуспешните маски. За посетителите да им биде вечерта повесела програмата ќе ја водат Маја Бимбилоска и “чудниот” “ Wik Kakarotski” со група Маестрал, Василија Петрова и Методија Столески, а како фил на карневалот ќе биде богатиот огномет, информираат организаторите.