Skip to main content

Жителите на Горно Лакочереј конечно добија вода за пиење

Решен тригодишниот проблем на жителите на Горно Лакочереј. Тие добија вода за пиење. Од МЈП Проаква велат дека доколку мештаните рационално ја користат водата ќе немаат никаков недостиг од оваа скапоцена течност.

 |  Јаковлева Лионела  | 
lakocerej

Жителите на Горно Лакочереј конечно добија вода за пиење. После речиси три години голгота, низ нивните чешми потече течноста што живот значи. 176 домаќинства, колку што има во ова село сега се приклучени на градскиот водовод. Синоќа кога потекла водата низ славините за нив било вистински празник, вели Климе Тренески, претседателот на МЗ Горно Лакочереј.lakocerej

Тренески потсетува дека овој проблем започнал откога биле исклучени од водоводот од кој се снабдувале, а е во сопственост на Емо. Мештаните години наназад барале решение за нивниот голем проблем, па дури самоиницијативно направиле и бушотина. Но, водата не била добра за пиење бидејќи била со слаб квалитет. Сега од ЈП „Нискоградба“ е изграден магистрален цевковод  Ф 110мм во должина од 500 метри и изведени се три водоводни чворови заедно со шиберните шахти. Со тоа е поврзан водоводниот систем од Горно Лакочереј со магистралниот цевковод од градскиот водоводен систем. Ова е првата фаза од проектот. Втората фаза ќе е изградба на нов резервар, а третата фаза е промена на уличните водоводни линии. ЈП „Проаква“ пак, ќе треба да направи преприклучување на секое домаќинство на новата водоводна мрежа.

Златко Старкоски, директорот на МЈП „Проаква“ вели дека приклучувањето на Горно Лакочереј на градскиот водовод е дел од програмата на Локалната самоуправа и дека допрва ќе се реализираат и други вакви проекти.

{loadposition content9}