Лапароскопијата стана рутинска процедура на одделот за Урологија во охридската болница
Лапароскопијата во Урологијата станува рутинска оперативна процедура во Општа Болница – Охрид. Tимот од одделот за Урологија предводен од Др. Томислав Мостров – специјалист по уролошка хирургија заедно со анестезиолошкиот тим предводен од Др. Магдалена Митреска-Пулческа – специјалист по анестезија, реанимација и интензивно лекување, за помалку од една година успешно изведоа над 20 лапароскопски уролошки процедури од кои 10 радикални лапароскопски простатектомии поради карцином на простата и патологија на бубрег и варикозни вени на тестис.
Лапароскопската хирургија претставува минимално инвазивна хируршка метода која за разлика од традиционалната отворена хирургија (каде што се употребува голем хируршки рез), овде се користат 3 до 5 мали отвори (портови) низ кои се внесуваат многу мали прецизни современи инструменти за извршување на операции од најразлична патологија вклучително на простата и бубрег.
Има повеќе предности за пациентот со користење на оваа метода:помала траума за стомачните органи, помала загуба на крв, неспоредливо помала постоперативна болка, подобри естетски резултати, далеку побрзо закрепнување и пократок престој во болница и побрзо враќање кон нормалните секојдневни и работни активности.
“ЈЗУ Општа болница Охрид изразува голема благодарност за несебичната соработка на болницата со Универзитетската Клиника за Урологија – Скопје, чија што помош и водство започна под менторство на Проф. Д-р. Сотир Ставридис, а соработката продолжи и понатаму со Асс. Д-р. Јосиф Јанчулев.” – вели директорот на охридската општа болница д-р Асен Шајн.