Лажни дојави за бомби во пет објекти во Охрид
Пет лажни дојави на бомби во Охрид. Претпладнево дојава за поставени експлозивни средства пратена преку емаил до Центарот зауправување со кризи имаше за три деловни објекти, еден хотел и ОУ Братство.
СВР Охрид и припадници на единицата за антитероризам при МВР ги презедоа сите неопходни мерки, извршени се детални проверки на терен и преземени се други неопходни активности. Притоа констатирано е дека се работи за лажни пријави.
Наставата во училиштетто денес е прекината, а децата биле евакуирани.
„Дојдоа полициски службеници и ни рекоа да евакуираме, децата излегоа надвор, се направи малку паника кај децава и после добивме зелено светло да влезиме. Немавме ние лично дојава. Децата влегоа да си ги земат јакните, нормално беше што се створи мала паника, а децата од втора смена кои почнаа да доаѓаат ги враќавме. По протокол мора да се направи проверка од антитероризам, не беше завршена и затоа втора смена нема да има“, вели директорот Џемал Мехмед.
Сите деловни објекти, за кои имаше дојава дека имаат бомба се наоѓаат на улица 15 Корпус, а лажни дојави за експлозивни направи стигнале на адреса на ОУ „ Братство – Единство“ Охрид, еден од најексклузивните хотели на крајбрежјето и една такси компанија. Вработените од индустриската зона, каде се наоѓаат деловните објекти, утрово биле евакуирани, но за кратко продолжил работниот процес.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски вели во координација со јавен обвинител продолжува со активности за целосно расчистување на настанот по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Лажни дојави за бомби беа секојдневие во еден период во 2022 година.
Новинар Соња Рилковска
Фото: Архива ТВМ