Skip to main content

Започна 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид

Семинаристи од универзитетските центри од 17 земји во Охрид ќе ги продлабочуваат своите проучувања за македонскиот јазик на 58-та Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Кирил и Методиј“. Овој настан обединува лингвисти, книжевници и преведувачи посветени на македонистиката и афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во светот.
 |  Маја Савиќ  | 

Шеесеттина македонисти и слависти од 17 држави се дел од 58-та Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Кирил и Методиј“ што започна денеска во Охрид. Овој настан е доказ за бесмисленоста на негирањето на македонскиот јазик, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

– Денеска ние сите ќе зборуваме на Македонски јазик, ама и сите ќе не разбираат на Македонски. Блаже Коневски велеше дека јазикот е татковината, а Бернард Шо, познатиот Ирски драматург вели дека се можете да смените, само татковината не. Во случајов со македонистиката, со македонскиот јазик, со македонскиот идентитет се согласуваат или стануваат дел од нас многу филолози, лигвисти, македонисти, истакна Сиљановска-Давкова.

Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, рече дека македонскиот јазик е еден од 230-те јазици на лингвистичката мапа на светот, признат од ООН и оваа година славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

– Негирањето на македонскиот јазик пред се е проблем на оние кои го негираат. Тој постоел и ќе постои. УКИМ со целиот свој научен потенцијал бил и ќе биде поддршка на се она што е поврзано со македонскиот стандарден јазик со сите свои активности, со лекторатите, меѓународниот семинар, меѓународната научна конференција со традиција повеќе од 50 години , универзитетот јасно покажал дека стои и ќе стои зад се она што значи промоција на македонскиот јазик надвор од границите на државата, изјави Ангелова.

За унапредување на лекторатите по Македонски јазик, литература и култура при УКИМ е потребна севкупна општествена поддршка бидејќи тие се институции од национален и интернационален приоритет, истакна директорката на семинарот, Кристина Николовска .

– Им е потребна стратегија за развој и можам да искажам огромно задоволство што имаме поддршка за развој на лекторатите и наскоро очекуваме да се прошири таа мрежа на лекторати. Најголема потврда за македоснкиот јазик е афирмација на македонсистиката, домашна и странска особено таа река од странски македонисти од 7000 македонисти е вистински прекрасен океан и една река што постојано се шири и афирмира и ги носи основните постулати на Светиклиментовата охридска книжевна школа, изјави Николовска.

Годинава Московскиот државен универзитет слави 50 години македонистика и предавање Македонски јазик како главен предмет, потсетува Ала Шешкен и вели дека лично го чувствува како неправда негирањето на македонскиот јазик.

– Мене ме боли односот кон сите словенски народи и кон рускиот народ, а кон македонскиот специјално. Навистина е неправда. Македонскиот јазик е убав, распеан и навистина Македонците историски се многу упорни да го сочуваат. Во секој случај заслужуваат почит. Секој народ треба да брани својата култура и своите великани како Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Живко Чинго и да не набројувам, изјави Шешкен .

Олга Панкина студирала Македонски јазик во 1975 година на Московскиот државен универзитет каде дипломирала како македонист. Дипломската теза ја подготвила под менторство на академик Блаже Конески.

-Македонскиот јазик се развива, прекрасно функционира. Јас имам објавено, преведено, препеано на Руски од Македонски над 300 македонски автори и секаде во моите преводи пишува превод од Македонски јазик. Имам во Русија многу високи награди и токму како популаризатор на македонската култура во Русија, пред се културата ја популаризирам преку јазикот, рече Панкина.

Семинаристи од универзитетските центри од Албанија, Англија, Бугарија, Италија, Полска, Народна Република Кина, Романија, Канада, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка во Охрид на извориштето на сесловенската писменост ќе можат да ги продлабочат своите познавања за македонскиот јазик, книжевност, традиција и култура.