Skip to main content

Лицата кои се затруја со хлор во хотелски базен се во добра здравствена состојба

Две од седумте лица се деца кои биле згрижени на Одделот за педијатрија во Општа болница Струга и според директорот на болницата нивната состојба се подобрува по дадената терапија.
 |  инфодеск  | 

Лицата кои се затруја од хлор во затворен базен во хотел на брегот на Охридското езеро се во добра здравствена состојба, надвор од животна опасност.

Петте лица од Скопје и две од Охрид беа хоспитализирани во охридската и струшката болница откако синоќа почувствувале здравствени потешкотии по користење на хотелскиот базен.

Настанот околу 20 часот бил пријавен во полиција. Првичните претпоставки се дека во водата во базенот имало поголеми количини хлор од дозволените, но тоа ќе го покажае истрагата.

-„За случајот се известени јавен обвинител, претставници на санитарна и здравствена инспекција, Центар за јавно здравје и трудова инспекција, а увид извршија полициски службеници од СВР Охрид. Се работи на расчистување на случајот“, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Според лекарите симптомите при труење од хлор може да бидат замагленост, црвенило и печење по телото, стегање во градите, а некогаш дури и смрт.

Пет лица се на возраст од 19 до 45 години, а две се малолетни.

-„ Има две деца во одделот на педијатрија кои беа во одделот во Охрид а потоа донесени на педијатрија Струга и дадена им е соодветна терапија . Направени се анализи подобрена им е состојбата“, изјави Арменд Арслани директор на струшката болница.

Ова е прв случај на труење од хлор во хотелски базен на брегот на Охридското езеро. Точните причини за немилиот настан ќе ги покаже истрагата.

Новинар Соња Рилковска