Следниот лидерски самит на Отворен Балкан ќе се одржи во првата половина од јуни во Охрид. Ова го соопшти премиерот Димитар Ковачевски по неговиот онлајн состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија, Еди Рама.
На самитот во Охрид ќе бидат потпишани значајни договори и меморандуми за соработка во културата, туризмот и економијата. На овој онлајн состанок беа присутни и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, наведува Претседателот на Владата во објава на неговиот Фејсбук профил.
Ковачевски најави дека на почетокот од септември заедно ќе организираат голем туристички саем на вино и храна во Србија. Уверен сум, додаде премиерот, дека македонските производители на вино и храна ќе имаат што да му покажат на регионот. Тој посочува и дека иницијативата Отворен Балкан останува отворена за Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Заедно сме Европа, потенцира претседателот на Владата во објавата на Фејсбук.